Линкови за пристапност

Иванов не се чувствува одговорен за ситуацијата во која се наоѓа Македонија


Eвроамбасадорoт во Македонија, Самуел Жбогар, истакна дека сега е време за формирање на институциите

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов, повтори дека нема да го додели мандатот за формирање Влада, се` додека не се отстрани, како што ги нарече, правната и политичка пречка. Своите постапки шефот на државата ги објаснува како почитување на Уставот и праксата.

„Јас сум под заклетва и ќе го почитувам уставниот поредок на Република Македонија. Институционалната криза ќе ја немавме, да ја немаше платформата која од политичка криза, не` воведе во институционална криза. Токму поради таа платформа, не може да се избере претседател на Собранието, ниту да почне процесот на создавање влада. Едно е политичката криза која ја решивме со изборите, јас тука не чувствувам одговорност“, истакна претседателот Иванов.

Според него, платформата на албанските партии е спротивна на Уставот и на Охридскиот договор и, како што вели, ја доведуваа Македонија во потчинетост кон друга држава, со што се загрозува суверенитетот на земјата. Европската Унија пак повика на брз избор на спикер и Влада.

„Секогаш има време за одредени прашања, како за изборите, како за дебата по изборите, но сега доаѓаме до време за формирање на институциите, но и е време за сите да научат некои лекции и да почнат да го градат единството на земјата“, изјави Самуел Жбогар, евроамбасадор во Македонија.

Амбасадорите на клучните земји-членки на Унијата денеска се сретнаа со лидерот на СДСМ Зоран Заев, кој ги уверил дека новото парламентарно мнозинство наскоро ќе избере нов собраниски претседател и нова реформска Влада. Претставниците на Германија, Британија, Шведска и Холандија оцениле дека излез од кризата е спроведување на итните реформски приоритети со што ќе се деблокираат евроатлантските процеси.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG