„Нема потреба од нови избори“, тоа го велат амбасадорите на влијателни земји-членки на ЕУ акредитирани во Скопје, на се` погласните повици на ВМРО-ДПМНЕ, кои денеска ги повтори и партискиот лидер Никола Груевски, дека брзи предвремени, заедно со локалните избори се најдобар излез од политичко-институционалната криза во која Македонија е веќе четири месеци.
Дипломатите истовремено порачаа дека треба во целост да се искористи веќе договореното со Пржинскиот процес пред воопшто да се размислува за нови преговори - т.н. „Пржино 3“.
Ваутер Пломп, aмбасадор на Холандија во Македонија, кажа дека не гледа голема корист од избори „толку скоро по декемвриските“ и мисли дека тоа главно би ја пролонгирало кризата која и без тоа трае долго.
„Би рекол дека е премногу рано за посредување од типот на „Пржино 3“. Прво да го искористиме во целост договореното во Пржино, пред се` изборите, како главен излез од кризата“, рече тој.
Дипломатите предупредуваат дека со секој изминат ден, Македонија губи кредибилитет пред меѓународната заедница.
Амбасадорот на Шведска во Македонија, Матс Стефансон, рече:
„Тоа што сега се случува, навистина многу му штети на имиџот на Македонија во странство и тоа во ситуација на евроскептична клима, кога треба да праќате добри сигнали. На ЕУ навистина би и` требале овие добри сигнали, но тоа што кризата сега го праќа, не е добро. Се надеваме дека решение кое мора да го има, ќе се најде во рамките на Уставот“.
„Македонија треба да добие влада, што побрзо, тоа подобро, зашто ќе има позитивен ефект врз економијата“, кажа Милан Јазбец, амбасадор на Словенија во Македонија.
На дискусијата придонесе и екс-министерот Љубомир Фрчкоски.
„Во овој момент МНР и надворешната политика на земјата го покриваат падот на демократијата и сега сме зад основните приницпи утврдени со Договорот од Хелсинки, како што се човековите права, владеењето на правото и демократијата“, рече Фрчкоски.
Facebook Forum