Линкови за пристапност

Седница за распуштање на Собранието во понеделник


Треба да се одржи посетата на еврокомесарот Јоханес Хан, за кога е најавено и гласање на Предлог на Буџет за 2017 година

Седницата за распуштање на Собранието е закажана за понеделник, по посетата на еврокомесарот Јоханес Хан за кога е најавено и гласање на Предлог на Буџет за 2017 година.

Пратениците од опозицијата денес доставија предлог за итно распуштање на Собранието, но спикерот Трајко Вељаноски не го стави на дневен ред денеска, откако преткодно закажа седница, на која се гласаше за повеќе закони од заостанати седници.

„Како дел од политичките партии, потписници на договорот од Пржино, пратениците сме должни да покажеме дека остануваме на договорените позиции, кои се во интерес на решавање на политичката криза. Секој обид за одложување на распуштање на Собранието од страна на мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, ќе биде уште еден доказ дека власта на Груевски сака да избега од избори на 11 декември“, изјави Горан Сугаревски, координатор на опозицијата во Собранието.

Тој додаде дека инсистираат на итна седница во текот на овој ден.

„За сите овие работи слободно нека дадат предлог коалиционите партнери, и согласно мнозинството кое го имаат во Собранието, можат да го стават на дневен ред, за да може Собранието да биде распуштено до полноќ“, рече Сугаревски.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, веднаш одговори на барањето на СДСМ и предложи за денес во 17 часот да се закаже нова седница на Собранието, на која ќе има две точки на дневен ред - буџетот за 2017 година и распуштрање на Собранието.

„Го прифаќаме барањето на СДСМ и очекуваме дека овој пат Зоран Заев нема да се обидува да измислува причини за повторно да избега од избори. ВМРО-ДПМНЕ предлага Собранието на Македонија уште денес да закаже седница, на која прва точка ќе биде донесување на буџетот, со што ќе се гарантира редовна исплата на плати, пензии, социјална помош и подмирување на другите потреби на граѓаните. Втора точка, која во целост ќе ја поддржиме, е донесување на одлуката за распуштање на Собранието и за неа да се расправа во 19.00 часот. Со поддршка на агендата што ја предлагаме, СДСМ ќе докаже дека навистина има намера да излезе на избори и дека навистина се убедени дека државата веќе не смее да биде заложник на политичките интереси на Зоран Заев“, стои во соопштението на партијата.

Павле Трајанов, лидер на Демократскиот сојуз (ДС) утрово прв достави предлог-одлука, со која бара Собранието да се распушти, со што ќе се создадат уставни можности изборите да се одржат на 11 декември.

„Во согласност со договорот од 31 август 2016 година, четирите партии констатираа дека има услови за одржување предвремени парламентарни избори, при што како датум го определија 11 декември. За подготовка на сите партии за учество на изборите, неопходен е период од најмалку два месеца, поради што предлагаме распуштање на Парламентот во текот на денот“, стои во соопштението на ДС.

Законите предвидуваат Собранието да може да се распушти денеска или најдноца во рок од петнаесет дена, односно на 27 октомври, поради изборите во декември.

XS
SM
MD
LG