На 24-ти април ќе се одржат парламентарни избори; до 15-ти јануари актуелната влада ќе поднесе оставка; опозицијата на 1-ви септември се враќа во Собранието; на 20-ти октомври ќе бидат назначени нови министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика и тројца заменици-министри за финансии, земјоделство и јавна администрација од редовите на СДСМ; до 15-ти септември ќе биде назначен специјален обвинител задолжен за истрага на прислушуваните разговори, а политичките парии се обврзуваат да го спроведат договорот без опструкции околу одржувањето на изборите. Ова се осумте точки утврдени на маратонските преговори коишто почнаа од вчера попладе и траеја до рано утрово, а на коишто учествуваа четворицата лидери на најголемите политички партии во земјава, еврокомесарот Јоханес Хан и европратениците Ричард Ховит, Едвард Кукан и Иво Вајгл.
“Овој ден, оваа ноќ е одлична за вашата земја, широко ќе ги отвори вратите кон евроатлантските перспективи. Можете да бидете горди на вашите лидери коишто ќе ве водат кон просперитетна иднина. Ова е совршен поттик за вашата земја. Меѓународната заедница ја препозна потребата за помош на земјата, за да ги направите потребните реформи. Токму ова беше договорено вечерва“, изјави Хан, два часа по полноќ пред резиденцијата на евроамбасадорот во населбата Пржино, придружуван од премиерот Никола Груевски и водачите на СДСМ, ДУИ и на ДПА, Зоран Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи.
Овој ден, оваа ноќ е одлична за вашата земја, широко ќе ги отвори вратите кон евроатлантските перспективи.Јоханес Хан, еврокомесар
„Вечерашниот договор ќе даде можност за натамошно продолжување на препораката за почеток на преговори. Ова треба да им помогне на некои земји-членки, коишто имаа отпор и го блокираа отворањето на преговорите, да се убедат да ја отворат вратата за европската перспектива на земјата“, рече Хан, најавувавјќи состанок на Советот на ЕУ следната недела во Брисел, на којшто ќе се разгледаат потребните реформи, дијалогот на високо ниво ќе продолжи во септември, а потоа ќе следува и извештајот за напредокот на земјата.
Тој потврди дека во текот на вечерта телефонски разговорал со американската помошничка-државна секретарка за Европа и Евроазија Викторија Нуланд, при што истакна дека ова било потврдено и „од нашите американски пријатели, но мора да се каже дека ова е европски договор и оти сите партии придонесоа за овој договор“.
За Груевски, политичката криза е решена. За Заев, ова е договор во интерес на државата и граѓаните
Во раните утрински часови, на прес-конференција во Владата и во седиштето на СДСМ, Груевски и Заев ги кажаа своите ставови за договорот.
Според Груевски „политичката криза во Македонија е решена, преговорите завршиле успешно со договор за избори“ и тој е задоволен од постигнатиот договор.
„Политичката криза во Македонија е решена, европските перспективи на Република Македонија остануваат отворени, а економијата се ослободува од наметнатите стеги од политичката криза и ќе продолжи да расте“, рече Груевски, додавајќи дека „согласно постигнатиот договор, како системско решение, отсега па за сите наредни парламентарни избори 100 дена пред изборите Владата ќе се повлече и ќе се формира Влада за спроведување на изборите“.
Политичката криза во Македонија е решена, европските перспективи на Република Македонија остануваат отворени, а економијата се ослободува од наметнатите стеги од политичката криза и ќе продолжи да расте.Никола Груевски, премиер на РМ
„Во нашиот случај, ова ќе значи дека ВМРО-ДПМНЕ ќе номинира привремен премиер за периодот од 100 дена почнувајќи од 15-ти јануари 2016-та година до изборите. За да не може некој да има алиби и изговори за резултати од изборите, се согласивме, почнувајќи од 20-ти октомрви па до изборите, СДСМ во претходна консултација со ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да даде предлог за технички министер за внатрешни работи што значи личност која на никој начин не се поврзува со ниту една политичка партија“, изјави Груевски.
Тој уште рече дека „СДСМ денес била приклештена да не може да избега од избори во април 2016-та, а ВМРО-ДПМНЕ преговарале самоуверемено и не им дозволиле ни најмал простор да избегаат од изборите“.
Водачот на СДСМ Зоран Заев рече дека со договорот се потврдило се` што неговата партија и коалициските партнери го посочиле во проектот „Вистината за Македонија“, истакнувајќи дека премиерот Груевски ќе поднесе оставка до крајот на годината, а изборот на новата влада ќе биде најдоцна до 15-ти јануари.
„На 24 април 2016 година ќе се одржат предвремени парламентарни избори коишто ги бараше опозицијата, на коишто граѓаните на Македонија, на слободни, фер и демократски избори ќе ја изберат новата власт“, рече тој. Одговарајќи на новинарски прашања, Заев истакна дека материјалите од прислушувањето ќе ги добие новиот јавен обвинител, со целосни, автономни овластувања, а преку собраниските комисии нивната содржина ќе биде достапна за јавноста.
(Договорот е) во интерес на Република Македонија и во интерес на граѓаните.Зоран Заев, претседател на СДСМ
„Најважно од се’ што ќе има правна последица по сите докази и аргументи, односно по основа на содржината на веќе објавените материјали и на сите оние коишто докажуваат вина, криминал, незаконско и неетичко делување од страна на власта“, додаде Заев. Тој оцени дека договорот е „во интерес на Република Македонија и во интерес на граѓаните“, и дека тој не е под нивните очекувања, бидејќи барале опозицијата да биде гарант на враќањето на демократските институции, нормализирањето на државата, враќањето на корективите во општеството и гарант за слободни, фер и регуларни избори.
„Баравме оставки, ги добивме пред неколку месеци. Баравме оставка од Груевски, да не ги спроведува тој изборите, ја добивме оставката. Баравме преодна влада, еве ја преодната влада, којашто е гарант на фер, слободни и демократски избори. Да не заборавиме, изборите се крајниот продукт на овој речиси десетмесечен процес којшто е пред нас. Овој процес треба да ги врати темелите на демократска Македонија коишто се изгубени. Тоа е само по себе гаранција на фер, слободни и демократски избори. Но, овој пат, ние сме во Влада, таа Влада нема да ја води Груевски, што е дополнителен гарантор на слободни, фер и демократски избори“, рече Заев.
Спроведувањето на договорот ќе ги поттурне евроатлантските перспективи напред, а САД и нивните партнери се подготвени да помогнат.Џес Бејли, амбасадор на САД во РМ, во порака преку Твитер
Тој е убеден дека овој договор нема да биде, како што беше посочено од новинарите “како мартовскиот договор - тоалет-хартија“, бидејќи „е гарантиран од меѓународната заедница, многу силно, многу поинаку од кога било, но е гарантиран и од нас, опозицијата и заедно од граѓаните за Македонија“.
И амбасадорот на САД во Македонија Џес Бејли денеска преку Твитер оцени дека „спроведувањето на договорот ќе ги поттурне евроатлантските перспективи напред, а САД и нивните партнери се подготвени да помогнат“, поздравувајќи ја работата на еврокомесарот Хан и на тимот европратеници на договорот, што, според него, е „одличен пример на соработка меѓу САД и ЕУ“.