Македонските полицајци сакаат да спијат, да пијат и да играат на компјутери. Од овие задоволства не се откажале ниту на работните места. Цела смена на граничната полиција кај Белановце спиела, заедно со раководителот. И нивните колеги на Попова Шапка, наместо да дежураат, одмарале. Контролата единаесетмина фатила на дело.
Додека овие спиеле, други пиеле. Контролата во Охрид ги фатила спроведувачите на редот пијани и среде пијанка, а во полициската статистика за ваков прекршок е заведен и сличен случај во Штип.
Полициската служба дава многу бенифиции, но за некои тие не се доволни, па наместо тоа да го санкционираат, тие ги прават прекршоците.
Кумановски полицајци ја искористиле службената легитимација за бесплатно минување на патарина.
Здодевноста се убива на многу начини, а за некои полициски службеници, ангажирани за обезбедување, се обидувале да не заспијат со компјутерски игри. На други, пак, им било здодевно да ги гонат криминалците кои им оперирале пред очи.
Ова не е филмско сценарио, туку полициска статистика - за што најмногу се казнувани македонските полицајци. Казните за вакви дела се парични, по 15 проценти од плата, два, три или четири месеци. Но, што може да се случи додека полицијата одмара?
Три момчиња од гостиварско, на 22 и 24-годишна возраст, пред неколку месеци си играле полицајци, на автопатот Тетово - Гостивар, а оваа нивна игра ќе ги чини неколку месеци, а можеби и години в затвор.