Линкови за пристапност

Регистарот на педофили објавен на Интернет


Ги прикажува фотографиите и адресите на живеење на сите осудените за ова кривично дело во Македонија.

Република Македонија стана првата земја во регионот што има посебен регистар за педофили, објавен на Интернет.

Сите осудени за кривично дело педофилија, со нивни фотографии и адреси на живеење, се објавени во официјалниот регистар. Тој содржи податоци за лицата осудени „со правосилна пресуда за полов напад врз малолетник кој не наполнил 14 години, обљуба со злоупотреба на положбата, задоволување на полови страсти пред друг, посредување во вршење проституција, подведување и овозможување на полови дејства прикажување на порнографски материјал на малолетник, производство и дистрибуција на детска порнографија, намамување на обљуба или друго полово дејствие на малолетник кој не наполнил 14 години, родосквернавење и трговија со малолетно лице“.

Во моментот на објавувањето, во регистарот се обелоденети податоци за 100 осудени, но, според официјалните информации, набргу дополнително ќе бидат поместени податоци за уште дваесеттина сторители, откако и тие ќе добијат правосилни пресуди.

Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски на презентацијата на Посебниот регистар изјави дека тој содржи податоци за името и презимето, датумот на раѓање, адресата на живеење, кривичното дело за кое е осудено лицето и негова фотографија.

„Дојде денот кога поголема казна за нив од казната зад решетки е да се најдат и прочитаат со име и презиме јавно на интернет-страницата“, рече министерот, според кого граѓаните на Македонија сега ќе можат можат да ги препознаат осудените за педофилија во нивната средина, се` со цел да се спречи сексуалната злоупотреба на децата.

Според Ристовски, ваквото објавување на податоците за сторителите на ова кривично дело можеби е монструозно на прв поглед, но целта на ваквиот потег е заштита на децата-жртви на сексуалниот нагон на возрасните.

„Доколку со ова се заштити или спаси животот на макар и едно дете, тогаш целта од креирањето на еден ваков регистар е исполнета“, смета министерот.

Законот ги обврзува лицата осудени за вакво дело, по истекот на изречената казна, најмалку еднаш годишно, се` до крајот на животот да се пријавуваат кај надлежниот суд. Според законот, ако граѓаните забележат некое лице од Регистарот во близина на градинки, детски игралишта или паркови, должни се да го пријават.

Министерот Ристовски, кој потенцираше дека осудениците за вакви дела ќе бидат контролирани до крајот на животот, изјави дека пријавеното лице, прво ќе добие усна опомена, а ако повторно биде забележано на такво место, ќе биде известен надлежниот судски орган, за што е утврдена и парична казна или казна затвор до една година.

Според податоците од праксата, објавени во медиумите, 16% од осудените педофили по излегувањето од затвор по неколку пати го повторуваат делото. Според судските пресуди во Македонија од 2004-та до 2009-та, од 231 осудено лице, 191 се примарни престапници, 38 (16%) се повторници од кои 26 биле еднократни, а 12 повеќекратни престапници.

Иако максималната казна за сторител на вакви кривични според Кривичниот законик е 15 години затвор, дел од невладините организации последниВе месеци бараа построги казни, како хемиска кастрација на педофилите. Од друга страна, во членот 12 на законот се предвидува дека лицата кои ќе ги злоупотребат податоците кои се содржани во Регистарот „за заканување, заплашување, вознемирување на осудените лица или на членовите на нивните семејства или на друг начин ќе ги злоупотребат објавените податоци, ќе бидат казнети со парична казна или затвор до шест месеци.“

За податоците постои големо интересирање меѓу граѓаните. Според медиумските извештаи, првите денови страницата се отвора со потешкотии, блокирана главно од многу обиди за нејзино разгледување.
XS
SM
MD
LG