Линкови за пристапност

Нов контингент американски волонтери во Македонија


Четириесет и четворица волонтери од Мировниот корпус на САД допатуваа во Македонија каде ќе живеат две години

„Новиот контингент од 44 волонтери од разни држави на САД, во неделата пристигнаа во Македонија, каде во првите месеци ќе се обучуваат, за потоа, да им помагаат на луѓето од земјата-домаќин во два сектора – за развој на образованието со држење настава на англиски јазик во основните и средните училишта и за развој на заедниците, со пракса во локалната самоуправа и во невладини организации“, изјави за Гласот на Америка на македонски јазик, Евелина Алибеговиќ, директор на обука во Мировниот корпус (Peace Corps) во Македонија.

Според Алибеговиќ, новиот контингент е група американски државјани со изразен диверзитет, припадници на разни етнички групи и религии, на возраст од 21 до 65 години, и како куриозитет, меѓу нив има и два брачни пара. Исто така, за првпат една помала група волонтери, ќе работат со деца со специјални потреби.

„Припадниците на Мировниот корпус ќе се обучуваат во разни места низ Македонија до 4 декември. Ќе го изучуваат македонскиот и албанскиот јазик, низ македонски контекст ќе ја изучуваат традицијата, културата и културните разлики на населението во Македонија, ќе имаат и здравствена и безбедносна обука, и сето тоа ќе се одвива во пет групи, распоредени во тетовско Теарце, Штип, Свети Николе, Неготино и Ваташа. Во ове градови, села и населби, американските волонтери ќе бидат сместени во локални семејства (кои како домаќини ќе им помогнат да се интегрираат во македонското општество) се до 4 делември кога од волонтери во обука, на една специјална свеченост ќе бидат промовирани во волонтери на американскиот Мировен корпус во Македонија, во која ќе живеат две години“, ни изјави Алибеговиќ.

Од 1996 година, повеќе од 200 доброволци на Мировниот корпус соработувале со нивните колеги од Македонија, исполнувајќи ги основните цели: обезбедување на доброволци кои придонесуваат за развојот на заинтересираните земји, преку размена на информации и искуства, помош на граѓаните од земјите-домаќини подобро да ги разбираат луѓето од Америка и помош на американските граѓани да стекнат подобро разбирање за граѓаните на Македонија. Волонтерите немаат плата за својот ангажман, а Мировниот корпус ги плаќа сите трошоци за нивниот престој.

Драјцен Ек, од Монтана (29), наставник, ни' изјави дека сака да помага, но и во Македонија дошол делумно поради неговите широки полиња на интерес. „Живеев две години во Норвешка и три години во Гватемала, ме интересира историјата, опкружувањето. Македонија е специфична и во поглед на својата положба и во културолошка сисла, луѓето тука ја негуваат и развиваат традицијата. Од перспектива на еден наставник, сакав да ја искористам шансата да работам со деца, со млади луѓе на училишна возраст, кога од нив, како од искрени соговорници многу полесно се осознаваат работи за културниот идентитет... Исто така, Мировниот корпус има силна јазична програма, и сакав да научам уште еден јазик со помош на методологијата на Корпусот“.

Мировниот корпус е американска владина организација, основана во 1961 година од претседателот Џон Ф. Кенеди, посветена на светскиот мир и пријателство. Катлин Ридер (68) од Колорадо, се сеќава на тоа време: „Бев дете кога претседателот Кенеде ја промовираше програмата. Отескогаш сум сакала да придонесам лично и да помагам. Но, порано немав таква шанса, се до пензионирањето. Сега се пријави, зашто во САД, да се биде припадник на Мировниот корпус е прифатена вредност, позиција која се цени. Секогаш сум сакала да се ценат мирот и другарувањето“.

По само неколку дена во Македонија, госпоѓа Ридер за своите први импресии вели се многу позитивни. „Се` е прекрасно! Луѓето се топли и гостопримливи, со отворени срца, а членовите на Корпусот во Македонија се подготвени за нас и ни обезбедуваат квалитетни информации“.

Припадниците на Мировниот корпус, својата решеност да станат доброволци, самите ја дефинираат со зборовите - дека „сакаат да стекнат работно искуство, да ги споделат своите вештини, да научат повеќе за светот и да направат позитивни промени во однос на светот во кој живееме“.

XS
SM
MD
LG