Линкови за пристапност

Сè поголем интерес на американските волонтери за служба во Македонија


„Нивното присуство во Македонија е многу значајно. Споделувањето знаења и искуства е непроценливо за сите кои се инволвирани“, изјави на пречекот на 54 Американци, кои вчера пристигнaа во Македонија, директорот на Мировниот корпус во Македонија, Марк Ханафин

Се работи за 23-тата генерација, досега најбројната група на волонтери, кои ќе живеат и работат во училишта и организации во неколку градови и села низ Македонија, каде ќе го споделуваат своето знаење и искуство со домаќините. Тие, најпрвин, три месеци, ќе ги изучуваат македонскиот и албанскиот, како и другите јазици во средините во кои ќе престојуваат, и ќе се запознаат со македонската култура. Потоа, откако во декември ќе ја започнат својата служба, следните две години во Македонија, американските волонтери од Мировниот корпус, ќе работат како наставници по англиски јазик во училиштата, дефектолози во дневните центри за лица со посебни потреби, како и во областа на развојот на заедниците во невладини организации и општини. Своите активности ќе ги спроведуваат во соработка со министерствата за образование и наука, за локална самоуправа и за труд и социјална политика.

„Сведоци сме на пристигнувањето на најголемата група волонтери во историјата на Мировен корпус - Македонија. Од година во година, бројот на волонтерите сè повеќе се зголемува. Ова го покажува големиот интерес кој постои кај Американците да служат во Македонија“, изјави директорот на Мировен корпус во Македонија, Марк Ханафин, кој со дел од вработените ги пречека волонтерите на скопскиот аеродром.

По повод отворањето на Повикот за аплицирање за волонтери за 2018 година, амбасадорот на САД, Џес Бејли во март годинава, истакна дека „волонтерите не го претставуваат само најдоброто од САД, туку и го враќаат во САД – најдоброто од Македонија, градејќи ги мостовите - ‘човек кон човек’

Волонтерите во Македонија помагаат и работат на полето на подоброто разбирање меѓу луѓето од различни култури и традиции. Мировниот корпус е основан во 1961-та година од претседателот Џон Ф. Кенеди, а од отворањето на канцеларијата на Мировниот корпус во Македонија во 1996-та година, над 730 американски државјани соработувале со над 500 македонски наставници и едуцирале над 100.000 ученици, работејќи во партнерство со повеќе од 400 македонски организации.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG