Линкови за пристапност

Ќе се укине лаптопот за пасоши што лета до САД и назад


Ќе се укине лаптоптот за пасоши кој лета до САД и назад
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:39 0:00

Министерот за дијаспора Едмонд Адеми најави електронски систем за вадење документи, најверојатно од следната година

Лаптопот, кој сега државата го праќа со авион во САД, за да може иселениците да аплицираат за пасош, од следната година најверојатно ќе биде заменет со електронски систем во дипломатските претставништва на Македонија.

Министерот за дијаспора Едмонд Адеми вели дека на почетокот на годинава, била формирана интересорска група меѓу неговиот кабинет и Министерствата за внатрешни и надворешни работи, која подготвила извештај за изнаоѓање ефективно решение за начинот на вадење лични документи и патни исправи.

„Во сите оние конзуларно - дипломатски претставништва, каде нашата дијаспора е во голема концентрација, ќе се инсталираат системи кои ќе ги извршуваат тие работи, и наместо лаптопот да патува Скопје или не знам каде, електронски податоците ќе се достават до Министерството за внатрешни работи, кое ќе ги обработи документите, и после тоа ќе ги врати до амбасадата, каде апликантот ќе може лично да ги земе“, рече тој.

Адеми, кој неделава е во посета на САД, нагласува дека сепак електронски систем за гласање се` уште нема да може да се воведе.

„Иако ние би сакале, треба време. Софтверот, кој треба да се подготви, треба да биде многу безбеден, за да се избегнат влијанија од страна“, изјави Адеми.

Тој најави нов закон за поддршка на инвестиции, кој се наоѓа во парламентарна процедура, и со кој дијаспората ќе добие поддршка од држвата од десет проценти од вредноста на инвестицијата.

Министерот се сретнал со претставници од Обединетата македонска дијаспора (ОМД) и од Форумот за демократска Македонија (ФДМ), со кои разговарал за зајакнување на нивната улога во промоција на државата, како и за проблемот со обезбедување официјални документи.

Мето Колоски, претседател на ОМД, вели дека морал да оди во Македонија, за да го заврши процесот за добивање македонско државјанство.

„Мора македонската Влада да обезбеди поефикасни начини на добивање пасоши, лични карти и државјанства, особено затоа што дијаспората ќе биде подготвена да плати и повеќе за тие услуги да се забрзаат. Тоа мора да биде на електронски начин“, рече Колоски, нагласувајќи дека е потребен и поголем број дипломатски претставништва во САД.

Форумот за демократска Македонија (ФДМ), на неговиот Фејсбук профил информираше за средбата со Адеми, каде меѓу другото, истакна дека се разговарало за одредени сегменти од Националната стратегија за дијаспора, кои на практичен начин би го олесниле животот на македонската дијаспора, преку поедноставено добивање лични документи.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG