„Нашата пратеничка група влезе во Собранието за да се спроведе Договорот од Пржино, кој треба да донесе подобар живот за граѓаните и да создаде услови за фер и демократски избори. Најцврсто ќе се држиме до спроведување на Договорот. По криминалните избори, чии резултати не ги признаваме, и насилната верификација на мандатите и по неконстатирањето на оставките, конечно има изгледи за подобри услови за живот на граѓаните. Кулминација на сето тоа беше објавувањето на „бомбите“ во кои имаше индиции за бројни и сериозни кривични дела од власта. Ние тука во Собранието треба да го изгласаме законот за специјалниот јавен обвинител, кој ќе ги истражува „бомбите“ и ќе донесе нов предизвик за државата конечно да тргне напред. Ако не успееме да го завршиме ова, ќе биде само продолжување на оваа агонија. Ние покажавме добра волја и подготвеност, а го очекувам истото од сите пратеници“, рече на почетокот Горан Сугаревски, координатор на пратеничката група на СДСМ.
Обраќањето на Сугаревски беше причина за првите препукувања преку парламентарната говорници меѓу власта и опозицијата.
„Со пожелување добредојде на колегите би сакал да предупредам дека почитувањето на Деловникот, на Уставот, на законите ќе бидат примарна обврска и нема да дозволиме, не на СДСМ, ниту на Свети СДСМ да си поигрува со Деловникот. Направивте груба деловнички превид “, рече Илија Димовски, координатор на пратеничката група на ВМРО- ДПМНЕ, по што следуваше получасовна пауза.
За спикерот Трајко Вељаноски, пак, Сугаревски „морал да им објасни на граѓаните зошто досега не доаѓале на седници и не си ја извршувале должноста“.
Пратеникот од СДСМ Петре Шилегов, пак, истакна дека не се вратиле во Собранието затоа што ги признаваат изборните резултати, туку затоа што „тоа е дел од паѓањето на диктатурата на Никола Груевски“.
И ДУИ имаше забелешки на обраќањето на Сугаревски.
„Добредојдовте. Демократијата не е само да гласаш, спремни сме и за дебата и за полемики. Лоша порака испративте. Да не ги верифициравме, како што кажавте, насилно мандатите немаше да бидете денеска тука“, му реплицираше Адеми на Сугарески, предупредувајќи дека ги чека „остра политичка битка“.
„ДУИ не ни помислува да прави компромис во своите стратешки, политички, партиски и национални определби. И во оваа платформа ние ќе бидеме остри противници“, рече Адеми.