Линкови за пристапност

Фронт против Груевски и неговите соработници


Се подготвува заеднички став против актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ

Внатрепартиската иницијатива за реформи за демократизација и модернизација на ВМРО-ДПМНЕ, почна консултации со широк круг на организации, главно незадоволни од партиското раководство, на чело со Никола Груевски, како и од членови на партијата, наспроти партискиот Конгрес, закажан за 23-ти декември во Валандово.

Целта на разговорите со заинтересирани кандидати за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, е и градење на заеднички и обединувачки став за Конгресот, на кој треба да биде избран третиот по ред лидер во 27-годишното постоење на партијата.

На денешната прес-конференција, претставници на реформаторите и на Фронтот за демократска Македонија, во пресрет на утрешната седница на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ, на која се очекува потврдување на одлуката за Конгресот, на кој, пак, се очекува констатирање на оставката на Груевски, побараа демократски избор на кандидатите - учесници на Конгресот, од месните и од општинските комитети на партијата.

Реформаторите во ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат дека дел од нивните активности се и консултациите со ФРОДЕМ, Форумот на слободоумни патриоти, организацијата „Судени за Македонија“ и Унијата на ветерани на ВМРО-ДПМНЕ.

„Конечниот став за партискиот Конгрес ќе биде утврден и јавно објавен на 17-ти декември, како заклучок на Централниот штаб на Внатрепартиската иницијатива. Најзначајно за нас е тоа што во сите досегашни консултации, сите учесници ги прифатија принципите кои произлегуваат од Декларацијата за демократизација и модернизација и од Декларацијата за европско ВМРО-ДПМНЕ - за европска Македонија“, порачуваат членовите на Иницијативата за реформи.

Стравувајќи претстојниот Конгрес да не се претвори во „ еден вид приватна забава на Никола Груевски“, ФРОДЕМ ги повика незадоволните членови на ВМРО-ДПМНЕ да се приклучат, и да ја изразат јасно нивната волја, со цел „да ја извадат партијата од оваа несакана ситуација“.

Чекајќи го Конгресот, раководството на ВМРО-ДПМНЕ продолжува со организирање протести за ослободување на пратениците и останатите приведени, за насилството во Собранието на 27-ми април.

Иако официјално, сите видови протести се дефинираат како изрази на народно незадоволство од власта на „СДС“, очигледно е дека во оставките на советниците во Општина Вевчани, напуштањата на седниците на Советите, од советниците на ВМРО-ДПМНЕ во општините Ѓорче Петров, Куманово, Берово, Гевгелија и од Штип, или носењето маици со натпис „И јас сум терорист“, е во организација на централното партиско раководство.

ВМРО-ДПМНЕ исто така, продолжува двочасовни блокади на скопски крстосници, како и со секојдневни протести пред Основниот суд Скопје 1, на кои се обвинува судството за подложност на политички притисоци.

Но, Апелацискиот суд Скопје ги потврди притворите за челниците на протестите, кои му претходеа на крвавиот упад во Парламентот, Борис Дамовски и Владо Јовановски, а Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 ги потврди решенијата на судија на претходна постапка, со кои беше прифатен предлогот на Јавното обвинителство за притвор за пратениците Крсто Мукоски и Љубен Арнаудов, како и за куќен притвор за пратениците Јохан Тарчуловски и Жаклина Пешевска.

Исто така, паралелно со уличните протести, продолжуваат судските процеси за предметите на Специјалното јавно обвинителство, во кои за криминал се обвинети членови на најтесното раководство на ВМРО-ДПМНЕ.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG