Линкови за пристапност

Виновниците да одговараат, но, да се почитува и пресумпција на невиност


Американскиот амбасадор во Скопје Џес Бејли, потецира дека амбасадата на САД и претставниците на ЕУ ги следат настаните, по приведувањата поврзани со насилствата во Собранието од 27-ми април

„Полицијата, Обвинителството и судскиот систем, треба да постапуваат транспарентно, со целосно почитување на највисоките стандарди. Секако, ние и Европската унија рековме дека одговорните за настаните од 27-ми април треба да понесат одговорност, но, во процесот, исто така, мора да се почитува пресумпцијата на невиност. И денеска во Парламентот ќе има важна дискусија. Тоа е улогата на Парламентот - да дискутира. Тоа е дел од демократското владеење“, изјави денеска американскиот амбасадор во Македонија Џес Бејли.

Агенцијата „Мета“ ја пренесе изјавата на портпаролката на ЕУ Маја Коцијанчич, според која, важно е да се утврди одговорност за настаните во Собранието на 27-ми април.

„ЕУ не сака да коментира истраги што се во тек или судски постапки. Внимателно ги следиме случувањата и очекуваме сите партии да се однесуваат одговорно и согласно законот. ЕУ и претходно ја нагласуваше важноста од утврдување одговорност за настаните на 27 април во Собранието“, рече Коцијанчич.

За приведувањата по повод насилствата во Парламентот на 27-ми април, реагираше и Британската амбасада во Скопје, која исто така излезе со оценка дека насилствата мора детално да се истражат и да имаат судска разрешница.

„Настаните во Парламентот на 27-ми април беа насилни и заслужуваат детална истрага, со последователни постапки низ судски процеси доколку е потребно. Важно е да се почитуваат институционалните процедури и соодветните правни постапки, со максимална транспарентност, за да биде јасно дека законот се применува непристрасно“, се вели во соопштението на Амбасадата.

Основниот суд Скопје 1 вчера испрати соопштение дека за насилствата во Собранието на 27-ми април, по барање на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција, судија на претходна постапка на 13 лица им одредил притвор во траење од 30 дена, додека на шест лица им е одреден куќен притвор.

Против овие лица се води постапка поради основано сомневање за сторено кривично дело - Терористичко загрозување на Уставниот поредок и на безбедноста, од член 313 од Кривичниот законик.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG