Поделени мислења, спротивставени позиции, протести, повредени полицајци и приведени демонстранти - Македонија го сумира денот по историското потпишување на договорот за името со Грција, кој треба да го отвори патот на земјава кон ЕУ и НАТО и воедно, по повеќе од 25 години, да ги нормализира односите меѓу Скопје и Атина.
Денеска пред зградата на Собранието нема видливи знаци од синоќешниот собир, кој резултираше со судир меѓу полицијата и демонстрантите.
Граѓаните кои со денови протестираат пред Собранието, вчера, незадоволни од постигнатиот договор, според МВР, станале насилни, по што полицијата морала да интервенира.
„Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека во текот на вечерашниот јавен протест во Скопје, пред зградата на Собранието, дел од демонстрантите употребија распрскувачки средства и насилно ја турнаа заштитната ограда, истовремено обидувајќи се насилно да влезат во Собранието. Со цел да се спречи ескалирање на ситуацијата и насилен упад во Собранието, а постапувајќи согласно процедурите, полицијата уопотреби солзавец“, соопшти МВР.
Меѓу предводниците на протестот беше првиот човек на проруската партија „Единствена Македонија“ Јанко Бачев, кој со руско во едната, и со знаме со сонцето од Вергина во другатра рака, се качи на еден од полициските оклопни транспортери кои беа употребени за да се расчистат демонстрантите.
Билансот е седум повредени полицајци и 25 приведени граѓани.
Дел од медиумите, кои важат за блиски до опозициската ВМРО-ДПМНЕ, објавуваат дека полицијата брутално постапила и дека удирала недолжни граѓани.
Партијата на Христијан Мицкоски, пак, вчера, само неколку часа по потпишувањето на договорот, одржа протест во Битола за да повтори дека е против, и дека Владата на Заев мора да падне.
„Се соочуваме и со најголемото предавство, и со капитулација, која што можеше да ни се случи, а тоа е договорот кој што го потпишаа за промена нашето вековно име. Сега додека тој некаде седи насмеан и самодоволен, тапкакќи го по рамо дека завршил голема работа, која патем никој негов претходник, ниту државник не се ни дрзнал да помисли на таков начин да ја заврши“, изјави Мицкоски.
Од денеска стартуваат чекорите за импелементација на догворот со Грција.
Најавено е македонската Влада денеска да одржи седница, на која ќе го усвои законот за ратификација на Договорот, по што тој оди во Собранието, каде треба да биде ратификуван со обично мнозинство (мнозинство од присутните пратеници).
Законот за ратификација потоа се испраќа на потпис кај претседателот Ѓорге Иванов, кој има рок од една седмица да го потпише.
Ако шефот на државата повторно, како во случајот на Законот за јазиците, се реши да не го потпише законот, тој пак оди во собраниска процедура каде сега мора да биде поддржан од најмалку 61 пратеник.
Во такво сценарио договорот, пак, оди кај Иванов кој тогаш, според Уставот, мора да го потпише.
Facebook Forum