Линкови за пристапност

Законот за јазиците го блокираше Парламентот

  • Синиша Станковиќ

Додека собраниските служби ги преведуваат на албански јазик 35.000 амандмани поднесени од ВМРО-ДПМНЕ, надвор се одвиваат протести

И покрај тоа што беше предвидена како прва точка на денешната собраниска седница, расправата по поднесените амандмани од ВМРО-ДПМНЕ за Законот за употреба на јазиците е „прескокната“, поради немање технички услови.

Согласно законот, десетици вработени во службите на Собранието сè уште работат на преводот на албански јазик на дури 35.569 амандмани од опозицијата.

Расправата ќе почне, откако најголемиот број поднесени амандмани во историјата на македонскиот Парламент, ќе биде преведен и доставен до пратениците.

Во салата, уште од почетокот на седницата, владее тензична атмосфера, по одбивањето на претседателот Талат Џафери на барањата на опозицијата за едночасовна пауза и за повлекување на Законот.

Според Деловникот, поднесените амандмани мора да се разгледуваат на пленарна седница, но, амандманскиот „рекорд“ на ВМРО-ДПМНЕ, наводно за „усогласување на Законот со Уставот на Република Македонија“, веќе предизвика реакции кај владејачката партија, дека се работи за нова опструкција и парламентарна блокада.

„Намерите на ВМРО-ДПМНЕ се да го кочи реформскиот процес, со што работи против интересите на граѓаните и на Република Македонија“, вели владејачката партија.

ВМРО-ДПМНЕ вчера ги обвини собраниските служби за расфрлани материјали со амандмани околу Собранието, и побара „владејачкото мнозинство да ѝ одговори на македонската јавност кој издал наредба, и кои сè лица учествувале во овој срамен и недемократски чин“.

СДСМ одговори дека ВМРО-ДПМНЕ „параноично шири лажни вести, и оти обидот да ги вовлекува собраниските служби во нејзините политикански игри за блокади е скандалозен“.

Исто така, вели дека опозицијата со ширење лажни вести сака да ја врати загубената доверба кај граѓаните.

Откако на 11-ти јануари, во отсуство на опозицијата, Законот за употреба на јазиците беше донесен од парламентарното мнозинство, претседателот Ѓорге Иванов одби да го потпише Указот за негово прогласување, со образложение дека скапиот паралелизам ќе го блокира системот, чија пак, нефункционалност ќе создаде опасност „за отворање на прашањето за уставното редефинирање и загрозување на унитарноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија“.

Спорниот Закон, кој етнички ја подели македонската јавност во земјата, денеска повторно требаше да биде на дневен ред на Собранието, за да се одговори на обвинувањата на дел од експертите, дека е противуставен и избрзан, дека го потчинува македонскиот јазик и идентитет, и оти води кон бинационалност и федерализација на државата.

Паралелно со седницата, како и во саботата, така и утрово пред Собранието, здруженија кои се претставуваат како патриотски, како „ Семакедонскиот национален совет“ и „Преродба“, почнаа со најавените протести против Законот и промена на уставното име на Македонија, односно „против антиуставниот, дискриминаторски, сепаратистички Закон за двојазичност, промената на името и нелегитимните капитулантски договори и преговори“.

Демонстрантите бараат претседателот Ѓорге Иванов да ги одбие сите предлози за промена на името на државата, и да иницира постапка за признавање на Република Македонија во Организацијата на Обединетите нации под уставното име, а дел од присутните се потпишуваат и под петицијата за Собранието, да не ги застапува и да не одлучува во нивно име.

Организацијата „Тврдокорни“, на социјалните мрежи, низ промотивно видео најави обединување на сите македонски навивачки групи „во борба за македонските национални интереси“, со пораката:

„Македонија на Македонците била, и секогаш ќе остане. Земјо моја, знај, ќе те чуваме, сите душмани ќе ги сотреме. Скопје, Струга, Тетово, Гостивар, секој град и село е Македонија, тука сонцето грее најсилно, стани Македонче, ова е твојот дом“.

„Форумот на слободоумни патриоти“, составен од дел од разочараните членови на ВМРО-ДПМНЕ, смета дека Заев, Ахмети и Димитров немаат ни кредибилитет, ни легитимитет да преговараат за промена на Уставот на Република Македонија.

Во соопштение, тие најавуваат дека во следниот период ќе застанат рамо до рамо со македонскиот народ, и најостро ќе се спротистават на велепредавството во режија на Заев и Ахмети, поддржано од Димитров.

Викендов реагираа и македонски здруженија и организации во дијаспората.

Обединетата македонска дијаспора (ОМД) смета дека по координативниот состанок на државно-политичкиот врв во саботата, информациите за јавноста биле површни, но, со другите македонски организации коорганизатори на движењето #НиеCмеМакедонија, им изрази огромна благодарност на Македонците ширум светот, за учеството на мирните собири, повикувајќи ги на продолжување и интензивирање на масовните мирни собири низ државите во кои живеат Македонци.

„Само обединети можеме заеднички да допринесеме во зачувување и промовирање на македонската засебност, идентитет, јазик и култура, да издејствуваме прекин на разговорите околу разликите за името, неуставниот Зaкон за јазици и штетниот Договор за добрососедство со Бугарија“, соопшти ОМД.

По протестите на македонските заедници во Германија, Франција, Швајцарија, Велика Британија и во Италија, Светскиот македонски конгрес (СМК), испрати соопштение во кое се вели:

„Македонците во Европа се обединети против промена на името на државата и идентитетот на нацијата, со барање за крај на разговорите со Грција и продолжување на членството во ОН и сите меѓународни организации под државното име Македонија, против донесување на Законот за употреба на јазиците, со цел двојазичност на територијата на Македонија, и во нејзините меѓународни односи и редефинирање на унитарноста и државноста на Македонија“.

Според СМК, македонските иселеници во Европа ќе ги достават нивните барања до претседателот, Собранието и до Владата на Македонија, а преку македонските амбасади и конзулати и до претседателите, парламентите и владите на државите каде што престојуваат, како и до Европската унија, ОБСЕ, Советот на Европа и до НАТО.

Премиерот Зоран Заев пак, денес изјави дека го почитува правото на опозицијата да ги користи сите демократски права и начини на постапување во Законодавниот дом и насекаде:

„Мене ме загрижува што ќе се случи со реформите кои се битен услов за добивање препорака за Македонија, во вакви услови, кога ќе се блокира работата на Собранието со поднесените амандмани за Законот за употреба на јазиците. Во принцип, јас поддржувам широка дебата за сè, па така и за овој Закон. Се надевам дека на координацијата, парламентарните партии ќе се договорат согласно Деловникот, како ќе се одвива работата на Собранието по поднесените илјадници амандмани“, рече Заев.

Вицепремиерот Бујар Османи потенцираше дека Законот за употреба на јазиците е во согласност со амандманот 5 од Уставот на Република Македонија, и оти тоа прашање било затворено во 2001-та година.

Според него, Законот ќе биде донесен, и покрај попречувањата од опозицијата.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG