Линкови за пристапност

Итната седница на Собранието ги спротивстави партиите


Опозицијата се сомнева дека одлуката е во насока на излез од кризата, додека ДУИ ја оценува како неопходен чекор за понатаму

Решавање или усложнување на кризата во Македонија е прашање што се поставува во Скопје, откако Собранието денес итно закажа седница, по решението на Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на одлуката за распуштање на Парламентот.

Уставните судии, кои постапуваа по иницијативата на ДУИ, истовремено донесоа и времена мерка со која се запираат сите изборни дејствија, како активностите на Државната изборна комисија и веќе почната изборна кампања.

Опозицијата се сомнева дека денешните настани се во насока на излез од ситуацијата.

„Денешната одлука на Уставниот суд создава само привид дека со неа се отвара пат за решавање на кризата. Се додека Уставниот суд одлучува во зависност од тоа кое копче ќе го притисне врхушката на власт, нашата земја има сериозен проблем. Се додека имаме подјармени институции, правната држава е криза“, изјави Рената Дескоска, член на Извршниот одбор на СДСМ.

ДУИ, пак, ја поздрави одлуката на Уставниот суд како прв чекор, неопходен за решавање на сериозната криза.

„Ги повикувам сите лидери, медиумите и граѓанското општество да дејствуваат со целосна одговорност во однос на ситуацијата во која е земјата и да придонесат за враќање на безбедноста, стабилноста и силно да се заложат за сериозната агенда на реформи“, напиша на неговиот Фејсбук профил лидерот на партијата Али Ахмети.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски избегна да одговори на прашање за политичката ситуација.

Мнозинството во Државната изборна комисија, пак, соопшти дека нема услови за одржување избори на 5-ти јуни, а пет од деветте члена за тоа го известија претседателот на Собранието Трајко Вељаноски.

Тие му напишаа дека во услови на еден учесник во изборниот процес се загрзоува политичкиот плурализам и демократските избори како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија и дека така спроведените избори би биле нелегитимни и некредибилни.

XS
SM
MD
LG