Не успеа обидот на опозицијата за амнестија на инволвираните во настаните од 27-ми април.
Законското решение што ВМРО-ДПМНЕ го предложи во Собранието денеска не ја доби поддршката од владејачкото мнозинство. Само 25 пратеници гласаа за, додека 59 беа против.
„Констатирам дека предлогот не помина“, изјави Талат Џафери, претседател на Собранието.
Опозицијата тврдеше дека овој предлог, кој предвидува амнестија за сите учесници во „27-ми април“ - лицата со првостепена пресуда, лицата кои се гонат за терористичко загрозување на Уставниот поредок, како и лицата обвинети за насилство и учество во толпа, ќе донесе правда за сите и ќе биде чекор кон помирување во општеството.
„Ако Заев и парламентарното мнозинство навистина сакаат национално помирување, тогаш тоа може да го направат со поддршка на ова законско решение кое го поднесе ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Овој закон предвидува вистинско национално помирување за сите оние што учествуваа во 27-ми април, а не само селективно помирување како што сака да направи премиерот и мнозинството преку т.н Комисија за помирување. Игор Дурловски, Богдан Илиевски, Борис Дамовски не се терористи“, рече Невенка Стаменковска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ.
Паралелно со овој обид на опозицијата кој заврши несупешно, власта турка свој проект за помирување преку форма на селективна амнестија за 27-ми април.
Задачата за изготвување на предлог-текст ќе го има собраниското координативно тело за помирување кое, според најавите, в среда ќе го одржи првиот состанок.
Facebook Forum