Линкови за пристапност

ОТА најави крај на незаконското прислушување


Агенцијата уверува дека вакви злоупотреби во иднина нема да има

Оперативно-техничката агенција ОТА од денеска почна со работа, со што практично стартуваше реформата на безбедносите служби - една од клучните точки во извештаите на експертската група на Рајнхард Прибе.

Формирањето на ОТА се наметна како суштинска потреба по обелоденувањето на масовното незаконско прислушување зад кое, според СЈО, стоело поранешниот полициски врв.

Денеска, првиот човек на ОТА уверуваше дека вакви злоупотреби во иднина нема да има.

„Агенцијата ќе работи во согласност со законските прописи. Ве уверувам дека не постои ниту теоретска, ниту техничка можност за злоупотреба на посебните истражни мерки. Одговорно тврдам дека нема да ни се повторат бомбите, и дека нема да имаме вакви нови афери. ОТА е максимално добро поставена, системот е тестиран, се работи како што треба, и одговорно тврдам дека незаконско прислушување нема и нема да има“, изјави Зоран Ангеловски, директор на ОТА.

Оваа Агенција е всушност медијатор во процесот на прислушување. Ќе може да ги пресретнува комуникациите, но, не и да ги слуша. Разговорите ќе одат кај една од институциите кои, според законот, можат тоа да го побараат - МВР, одбрана, финансиската полиција, царина.

Тоа значи дека МВР или УБК немаат пристап до опремата за следење, ниту до податоците што ги бараат другите институции.

„Денеска ја демолиравме „тврдината“ и овозможуваме повеќестепена контрола за следените комуникации. Ќе контролира Собраниската комисија, граѓанските организации, но, и експертите. Пред една година ветивме дека клучната слабост за системска злоупотреба на системот за следење ќе биде отстранета, и денеска тоа го сторивме“, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Според систематизациијата, ОТА ќе има околу 35 вработени, а клучниот технички кадар е преземен од УБК- инстутицијата одговорна за злоупотребите во минатото.

Според Ангеловски, човек и самиот со стаж во тајната полиција и Агенцијата за разузнавање, луѓето што од УБК се префрелени во ОТА се професионалци, не се вмешани во скандалот за што, според него, потврдило и СЈО.

Базата на ОТА е во телекомуникацискиот центар на Телеком.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG