Линкови за пристапност

Опозицијата со нови обвинувања до власта за сомнителни финансиски трансакции


Овојпат во фокусот автопатот Демир Капија - Смоквица, во чија реализација учествува градежна фирма од Грција.

Опозицискиот СДСМ ја обвини власта за сомнителни финансиски трансакции во врска со автопатот Демир Капија - Смоквица во чија реализација учествува градежна фирма од Грција.

„Достапните информации упатуваат дека во скандалот е вмешана Владата на Република Македонија, предводена од Никола Груевски и грчката фирма Актор што го доби тендерот за изградба на автопатот“, обвини портпаролот на СДСМ Петре Шилегов,.

На прес-конференција, тој вака ги опиша сознанијата до кои дошла партијата.

„Станува збор сериозен сомнеж за незаконско подигање милионски суми пари во готово наменети за автопатот Демир Капија - Смоквица! Трансакциите на извлекување на парите во кеш, преку Актор, досега одат по стандардно утврдена шема. Се реализираат преку Стопанска банка А.Д. Скопје, филијала Неготино. Ги подигнуваат физички лица, државјани на Република Грција кои помеѓу 1-ви и 10-ти секој месец наменски влегуваат во земјава, а кои воопшто не се ангажирани на изградба на овој автопат. Доаѓаат со автобус, во банката во Неготино ги подигнуваат парите во евра, ги предаваат парите во просториите на банката на едно лице, а потоа со автобусот заминуваат за Грција“, рече Шилегов, додавајќи дека станува збор за проневера на 3.500.000 евра.

Поради ова од СДСМ прашаа: „Во чии џебови, премиере Никола Груевски - грчки или македонски? Или заеднички? Кои се овие лица на кои се даваат овие огромни суми милиони евра, што ги подигаат граѓани на Република Грција појавувајќи се во Македонија секој месец само за да го извадат кешот, да го дадат некому и да заминат надвор од државата?“.

Од државните инситуции не се одзваа на ова обвинување.

Реакција пристигна од владејачката ВМРО-ДПМНЕ: „СДСМ се во паника и очај бидејќи сега се вработуваат голем број на луѓе, а во нивно време беа бркани од работа. Заради јавноста, а не заради СДСМ, би сакале да повториме дека при спроведување на целата постапка се почитувани сите европски правила и сите македонски законски постапки. Целокупната постапка и објавувањето на јавен повик за изградба на овој автопат беа одобрени од Европската комисија, во координација со Европската инвестициона банка и ЕБРД“.


Владејачката партија го упати СДСМ да се обрати до фирмата што го добила тендерот за изградба на автопатот: „Каде и како фирмата, избрана во транспарентна постапка, ги троши парите, дали за работници, дали за опрема, машини или градежни материјали, господинот Шилегов треба да си ја праша фирмата што го добила тендерот“.

ВМРО-ДПМНЕ наведува и дека тендерот е верификуван од сите релевантни европски институции и дека доколку СДСМ се сомнева во нивната работа, има начин тоа да го пријави до надлежните институции.
XS
SM
MD
LG