Дел од родителите во земјава бараат второто полугодие од учебната година да стартува со празни училници. Причина е стравот од брзото ширење на омикрон.
Движењето „Поддршка за онлајн настава“ кое, како што тврдат организаторите, произлегло од група на социјалните мрежи која броела 15.000 членови, смета дека поради нагорната линија на новозаразени нема услови за настава со физичко присуство при што целосно би се почитувале здравствените протоколи.
„Ние не сме способни да имаме комбирнирана, не сме способни да имаме ни со физичко присуство настава, затоа што децата во една училница со 30-40 метри квадратни го пренесуваат вирусот многу брзо. Шансата за заразување е многу голема. Ги фрламе во оган не само децата, туку и нивните родители, бабите, дедовците“, вели Ана Глигорова од движењето „Поддршка за онлајн настава“.
Дали ќе биде разгледано и прифатено барањето за целосна онлајн настава ќе зависи од развојот на ситуацијата. До стартот на второто полугодие остануваат уште десет дена.
Пред дел од вакциналните пунктови имаше поголем метеж од вообичаеното – граѓаните беа дојдени кој за прва, кој за втора, кој за трета доза...
„Можеби чекам повеќе од 40 минути“, вели граѓанин.
Надлежните објаснуваат дека причина за поголемото чекање е тоа што дел од пунктовите не функционирале во деновите на божиќните празници.
Според податоците на Институтот за јавно здравје, во последните 24 часа регистрирани се 813 нови случаи од 5.165 тестирања, што претставува заразност од речиси 16 проценти.
Најголем дел од новите случаи се во Скопје, Битола, Куманово и Кавадарци. Во моментот активни се вкупно 10.383 случаи. Институтот информира и за 6 нови жртви, со кои бројот на починати од почетокот на пандемијата достигна 8.042.
За утре е закажана седница на Комисијата за заразни болести која треба да реши дали ќе предложи нови мерки за справување со овој бран на вирусот. Дел од лекарската фела во изминатиот период повикуваше на воведување рестрикции за спречување на ширењето на омикрон варијантата.
Facebook Forum