Линкови за пристапност

Остатоци од нафта и натаму видливи во Охридското Езеро


И натаму остатоци од нафта во Охридското Езеро
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:32 0:00

Во каналот Студенчишта, забележани се остатоци од нафта, една недела по еколошкиот инцидент, кога од бродот „Мис Стон“, се излеjаа 30-тина литри

Бродот којшто беше надвор од употреба подолго време, сега е дислоциран, но во каналот, којшто е природно живеалиште и на разни видови риби, се наоѓаат и десеттина други пловни објекти, што исто така се во лоша состојба.

Осум години по бродската несреќа во Охридското Езеро, во каналот се` уште стои и бродот „Илинден“ - рѓосан и целосно пред распаѓање.

Ова е едно од најомилените места за прошетка на охриѓани и туристите, но и за риболов на рекреативните риболовци.

„Покрај тоа што тие загадуваат, како истекот на нафта од резервоарот, има други кои рѓосуваат, се распаѓаат и им пречат на пловните објекти. Тоа е една многу лоша слика за градот и туристите“, вели риболовецот Димче Мајковски.

„Сликајте го ова, нека ги дислоцираат овие објекти. Од катастрофата со ‘Илинден’, бродот стои овде. Што мислат со тој брод, не знам“, изјави жител на Охрид.

Еколозите сметаат дека сето ова може негативно да се одрази и врз живиот свет и покрај брзата реакција на надлежните служби за неутрализација на нафтата со специјални средства.

„Нафтата и нафтените деривати се едни од најголемите загадувачи на животната средина. Тоа е знак дека сите пловни објекти стационирани во каналот, што поскоро треба да подлежат на проверка, истакна екологот Ѓоко Зороски.

Во Охрид се регистрирани околу 300 пловни објекти. Од охридската капетанија, надлежна за бродскиот сообраќај, велат дека целата охридска флота подлежи на редовни и периодични контроли коишто ги врши специјализирана компанија. Но, и врз помалите пловни објекти се врши редовен годишен надзор.

„Колку и да е безбедна флотата, хаварии се случуваат по цел свет. Ние, како администрација, тежнееме тие хаварии кои се опасност по граѓаните и езерото, да ги сведеме на минимум. Што се однесува до охридската флота, ви тврдам дека станува збор за сигурни и прегледани бродови, особено оние кои вршат комерцијален превоз, кои се занимаваат со превоз на туристи“, вели Ѓоко Устијаноски од Капетанијата на пристаништа во Охрид.

Сепак, во Охрид не се памети испуштање на толку големо количество на нафта во каналот, којшто е природно поврзан со езерото. Од Капетанијата најавија дека ќе биде покрената постапка за утврдување одговорност за инцидент и казни за сопственикот на бродот. Локалните власти пак, покренаа постапка за отстранување на сите руинирани бродови.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG