Линкови за пристапност

Охрид ќе се развива според препораките на УНЕСКО


„Охрид треба да се развива и да оди напред, но не преку вака изнасилени проекти како оние од Индија, Дубаи, за грандиозни хотелски комплeкси, за окупација на природата, традицијата и културата", изјави премиерот Зоран Заев

Одговарајќи на пратеничко прашање, премиерот Заев во четвртокот истакна дека „Охрид е наше, но и светско културно богатство, кое е под заштита на УНЕСКО. На градот му треба економски развој, но во никој случај, не по цена да го изгуби овој статус. Затоа се стопирани сите насилно најавени градби, а сè што во иднина ќе се прави ќе биде во консултација со УНЕСКО и врз основа на неговите препораки“.

„Како Влада се зафативме веднаш со решавање на овој проблем, бидејќи за нас таквата ситуација е неприфатлива. Затоа, се откажавме од планот за изградба на ски-центар на Галичица. Владата, исто така, се откажа од плановите за изградба на подсквенците А и Е од патот А3, а средствата предвидени за тој пат, се веќе пренаменети за регионални патишта низ Македонија“, рече Заев, според кого, ќе се изработат студии за заштита на животната средина, за културното и за природното богатство.

Но, активистите од Граѓанската иницијатива Охрид СОС испратија соопштение во кое реагираат затоа што македонската јавност сè уште нема увид во јавниот документ - Извештајот до УНЕСКО што, според нив, Владата го испратила со 15-дневно доцнење. Охрид СОС потенцира дека и покрај ентузијазмот на Владата, сè уште постои незадоволство во граѓанскиот сектор, поради повеќе причини.

„Владата имаше рок до 1 февруари 2018 да го достави Извештајот за постигнатиот напредок до Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, што не беше сторено. Наместо тоа, на овој ден се формираше Комисијата за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион, за која повторно јавноста и засегнатите страни од граѓанскиот сектор, немаа никаква информација сè до денот на нејзиното формирање, а постапката и изборот на членови, како и секогаш, се спроведуваа нетранспарентно“, се вели во соопштението на Охрид СОС.

И минатиот месец, активистите од Охрид СОС реагираа, барајќи долгорочна гаранција на статусот на Охрид како Светско природно и културно наследство и транспарентност и отчетност за постапките на македонските власти.

Драгана Велковска, во изјавата за Гласот на Америка на македонски јазик, тогаш изјави дека „Охридскиот регион е еден од ретките локалитети во светот со двојна заштита (на културно и природно наследство), жариште на биодиверзитет, ризница на богатство кое никогаш нема да секне ако се користи со ум и со визија!“, но потенцираше и дека досега во Македонија, „ниедна влада не покажала способност за одговорно управување со овој регион“.

Така, според Охрид СОС, на 40-тата сесија на Комитетот за светско наследство одржана во јули 2016 во Истанбул, од македонските власти бил побаран извештај поради зголемената опасност, урбанистичките проекти неповратно да ги уништат универзалните вредности на Охрид и Охридското Езеро. Откако, Охрид и Езерото се соочија со заканата за првпат да бидат ставени на Листата на светско наследство во опасност, во април минатата година, регионот го посети Реактивната мониторинг мисија, која изготви извештај - подоцна усвоен на 41 Сесија на Комитетот за светско наследство, во Краков во Полска. Конечно, на 13 февруари годинава, на својата 54 седница, Владата го усвои Извештајот за напредокот во спроведувањето на препораките на УНЕСКО, со што, според актуелната власт, од минатата недела е отстранета опасноста Охрид да го загуби статусот на Светско наследство на УНЕСКО.

Активистите пак, се децидни дека иако Извештајот за постигнатиот напредок усвоен од Владата на 13 февруари е веќе објавен на страницата на УНЕСКО на англиски јазик, македонската јавност, сè уште нема увид во неговата содржината на македонски јазик, со што граѓаните се и понатаму оневозможени да бидат навремено информирани за случувањата со единственото Светско наследство во Македонија.

Според Охрид СОС, и покрај барањето на експертите од Реактивната мисија - за прогласување мораториум на сите градежни модификации на крајбрежјето и урбаното подрачје во рамките на Светското наследство со рок до 1 февруари 2018, јасно е дека таа препорака „не е имплементирана иако се смета за критично важен чекор кој треба да се преземе. Според најновиот Извештај World Heritage Outlook for Lake Ohrid” (ноември 2017) на Меѓународната унија за заштита на природата (IUCN) – неконтролираната и нелегалната урбанизација на крајбрежјето е една од најсериозните закани за Охридското Езеро“, соопштува граѓанската иницијатива.

Охрид СОС предупредува и дека „неколку од заканите кои во моментов сериозно го деградираат единственото македонско Светско културно и природно наследство: катастрофалната состојба на колекторскиот ситем, огромниот внес на фосфор од реката Сатеска во Езерото, прекумерниот риболов и загубата на блатните екосистеми, се резултат на долгогодишни пропусти на системот и негрижа за богатството на регионот и тие едноставно не може да се решат преку ноќ“.

Активистите се децидни дека трајното зачувување на Светското природно и културно наследство на охридскиот регион е сложен и долготраен процес „кој ќе биде единствено возможен во средина на транспарентност, отвореност, искреност и отчетност кои мора да се изградат на сите нивоа на владеењето, во култура која препознава дека благосостојбата на луѓето е единствено возможна со третирање на луѓето и природата во симбиоза“.

„Најмалку што очекуваме е да се исполни ветеното, а не, како и секогаш, по доаѓање на власт, да останат само празните зборови од партиските говорници. Македонската јавност повеќе нема ни трпение ни толеранција за партиска демагогија“, потенцираат активистите од Охрид СОС.

Следниот Извештај за напредокот Владата ќе го испрати на 1 декември, а дотогаш ќе се работи на исполнување на препораките на УНЕСКО.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG