Линкови за пристапност

Статусот на заштитен град од УНЕСКО никогаш не бил во прашање за Охрид


Дали Охрид ќе се најде на листата загрозени подрачја на УНЕСКО?
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:33 0:00

Ова го кажаа од делегацијата на ОН што деновиве беше во посета на градот; Наоѓањата за ситуацијата се очекуваат во јули

УНЕСКО во јули годинава во Краков, Полска, ќе одлучува дали ќе го стави Охрид на листата на загрозени подрачја. Се` зависи од тоа дали и какви забелешки ќе има мисијата на оваа светска организација по неколкудневната посета на Охрид и контролата на локациите каде државата сака да гради инфрастриктурни проекти.

Црните точки на мапата се местата каде се предвидени зафати, а за кои граѓанските организации сметаат дека сериозно ќе влијаат на универзалните вредности со кои располага регионот и за кои сметаат дека треба да бидат повлечени.

„Доколку се стави нашето подрачје на листата загрозени подрачја на УНЕСКО, тогаш комисијата заедно со центарот ќе подготват план со којшто ќе се адресираат одделно и заедно сите овие констаирани потенцијални и веќе постоечки влијанија. Фактот дека тие се тука значи дека постои загриженост од нивна страна“, изјави Александра Бујароска од граѓанската организација Фронт 21/42.

„Позиционирање на таа листа е можно, освен ако државата не се откаже или не понуди алтернативи на сите овие проекти“, додава таа. Според Бујароска и експертите кои го анализирале влијанието на проектите врз вредностите на подрачјето, било потврдено дека проектите ќе имаат деструктивно влијание кое не може да се компензира ниту ублажи.

Претставниците на УНЕСКО кои беа во неколкудневна обиколка и на сите позначајни културно-историски локалитети, а имаа и средби во неколку државни институции, и локални власти, рекоа дека никогаш не станало збор Охрид да биде избришан од листата на УНЕСКО, но не образложија дали градот може да се најде на листата загрозени подрачја.

„Сега само вршиме надзор, подоцна ќе ги презентираме нашите препораки. Вршиме мониторинг на целото културно и природно наследство, како се заштитува и сите активности кои се преземаат, со цел да го видиме прогресот и напорите на локалните и националните власти во заштитата и спроведувањето на забелешките на УНЕСКО од минатата година“, рече Ања Сидоренко, претставничка на организацијата.

Локалните власти велат дека за нив е многу важно Охрид да го зачува статусот кој го има под УНЕСКО.

Државните институции уверуваат дека евентуалните препораки од светската организација, ќе бидат вметнати во во плановите за управување.

„Добар дел од проектите нудат просперитет за Охрид, економски и туристички развој“, рече Зоран Вељаноски, директор на НП Галичица.

„Не гледам воопшто причина зошто Охрид би се нашол на црна листа на УНЕСКО. Ќе има извештај, каков ќе е извештајот и дали ќе биде со препораки, тоа ќе видиме кога ќе го добиеме“, рече Тања Паскали Бунташевска, директорка на Музејот Охрид.

Спорните планови се изградба на експресниот пат до Свети Наум кој би поминувал низ Националниот парк Галичица, трите туристички развојни зони во Љубаништа, Стење и Отешево, како и ски-центарот на планината.

Според граѓанските здруженија префрлувањето на листата на загрозено наследство, претставува еден чекор до целосно бришење од листата на УНЕСКО.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG