Македонскиот Ерусалим - Охрид за Водици на градското пристаниште собра над 10.000 граѓани и гости.
Организаторот на спектаклот - здружението „Богојавление“, објави дека се пријавиле повеќе од 1.000 капачи, од кои дел и странци.
Во напорот да го дофатат светиот крст во студените води на езерото, не повисоки од 6 степени, пливаа и еден Украинец, професор на Универзитет за информатички технологии, новинар на светскиот сервис на Би Би Си, еден Французин, како и граѓанин на Чешка. Целта - црковно-народниот собир за празникот Богојавление - Водици во Охрид да прерасне во регионална и светска, духовна, верска и туристичка атракција, станува се` поостварлива. Годинава, крстот го фати Митко Топенчаров од Охрид.
Охрид ќе биде атрактивен и утре, на Денот на рибарите. Штипјани го позајмија гинисовиот казан во кој ќе се варат 2 тони рибина чорба. Охриѓани во него ќе стават 1.600 литри вода, околу 300 килограми риба, 15 килограми моркови, по 30 китки целер и магдонос, сол, зачини... Ќе биде организирана и изложба на риболовен алат, ќе има натпревар во фрлање сачма и ќе се демонстрира рибарење со влак. За капачите се подготвени 10 буриња со вино што ќе бидат фрлени во езерските води. Верен на традицијата останува и поранешниот евроамбасадор Ерван Фуере, кој ќе биде дел од Денот на рибарите и најави дека ќе скока по едно од бурињата.