Линкови за пристапност

Новиот центар за лансирање на ракети во Северна Кореја подготвен за употреба


Новиот центар за лансирање на ракети во Северна Кореја подготвен за употреба
Новиот центар за лансирање на ракети во Северна Кореја подготвен за употреба

Некои експерти сметаат дека со новиот објект за лансирање може да се има за цел извршување притисок врз Вашингтон за директни разговори со Пјонгјанг

Според фотографиите што ги обезбеди Гласот на Америка, се чини дека Северна Кореја ги завршила подготовките на објектот во близина на Тонгчанг-донг, од каде би лансирале ракети и вселенски летала. Сателитските снимки се направени минатиот месец.

Што е најбитно, на приказите е видливо дека практично е комплетирана кулата од каде би се изведувале операциите.

Тим Браун од интернет-компанијата globalsecurity.org, е аналитичар на фотографии. Тој вели дека на Северна Кореја и` биле потребни десет години да го заврши објектот.

„Сега прашањето е само дали поседуваат вселенско возило подготвено за лансирање. Таа информација не ја знаеме“, вели овој експерт.

Браун и неговите колеги за прв пат го забележале објектот во 2008-та година, кога се` уште бил во изградба, и се првите кои ја обелодениле информацијата.

Браун додава дека се работи за пософистицирана операција споредено со првиот ваков проект на Северна Кореја во Мусадан-ри.

Даниел Пинкстон е виш аналитичар за Меѓународната кризна група во Сеул. Тој вели дека објектот е голем чекор за напорите на Северна Кореја за поседување на интерконтинентален балистички проектил што може да ги погоди САД.

„Тие се практично неодвоиви. Доколку имате капацитет за лансирање на вселенски летала, тогаш тоа во одреден момент мошне лесно може да го претворите во локација за лансирање на проектил“, изјави овој стручњак.

Американскиот секретар за одбрана Роберт Гејтс минатиот месец предупреди дека Северна Кореја можно е во рок од пет години да се оспособи да изврши гранатен напад врз Северна Америка.

Пјонгјанг тестираше две нуклеарни оружја и вели дека претворил дел од залихите на плутониум во материја за изработка на бомба. Истовремено постои и загриженост дека Северна Кореја има намера да креира нуклеарна бомба што може да биде лансирана преку проектил.

Бидејќи новата локација за лансирање се наоѓа во близина на Кина, долж Жолтото Море, ќе биде тешко за другите земји да вршат мониторинг на тестирањата за евентуални лансирања.

Северна Кореја досега никогаш јавно не се произнела за лансирното место. Ова може да се промени со оглед на фактот што лидерот Ким Јонг Ил се подготвува да ја предаде власта на својот син, Ким Јонг Ун.

Сиромашната Северна Кореја вети дека планира да стане „силна и напредна“ земја до наредната година. Одредени регионални аналитичари велат дека дел од таа кампања може да вклучи уште еден обид за лансирање на проектил во рамки на фазата број три.

Претходните обиди беа неуспешни.

Последното лансирање, заедно со нуклерниот тест во 2009-та, ги наведе САД да воведат тешки нови санкции спрема Пјонгјанг.

Аналитичарот Пинкстон вели дека Пјонгјанг е свесен дека секое ново лансирање на ракета може да ја вжешти атмосферата меѓу земјите учеснички во шестраните преговори за нуклеарните амбиции на Северна Кореја.

Некои експерти сметаат дека со новиот објект за лансирање може да се има за цел извршување притисок врз Вашингтон за директни разговори со Пјонгјанг, нешто што севернокорејското раководство го посакува со децении. Вашингтон од своја страна, сака мултилатерален пристап по прашањето за Северна Кореја, вклучувајќи ги и нејзините соседи.

XS
SM
MD
LG