Линкови за пристапност

Поддршка за лицата со аутистичен спектар на нарушувања


Амбасадорот на Република Чешка во Скопје, Мирослав Томан и претседателот на здружението „Во мојот Свет”, Златко Стојановски, неодамна потпишаа договор за донација. Соработката почнува со донацијата од чешката амбасада за целосно опремување на Центарот за рехабилитација, едукација и сензорна терапија, во рамки на болницата „Св. Еразмо“ во Охрид. Опремата ќе биде обезбедена од САД и Велика Британија, а набавката на опремата е прва во низата на активности предвидени со проектот што е предвидено да се спроведува три години. Следените чекори се организирање на спроведување на хидро-терапија, терапија со кучиња, изградба на Сензорен парк, организирање на ликовни работилници и изложби, и други содржини во Центарот.

Здружението на граѓани „Во мојот свет“ од Скопје кое се залага за адекватен третман на лицата со аутизам, АДХД (Attention Deficit Hyperactivity Disorder) и Аспергеров синдром, од 2011 работи на обезбедувањето помош и поддршка на лицата со аутистичен спектар на нарушувања и на нивните семејства, преку пристап до информации за рана дијагностика, терапии и третмани, за успешна инклузија во општеството и остварување на нивните права во сите сфери на општественото живеење во Македонија.

Здружението кое на национално ниво има 1.120 членови, од кои 435 се членови-семејства, работи на кревањето на нивото и зајакнувањето на јавната свест, како и на зголемувањето на корпоративната одговорност. Според здружението, нивна цел е зголемување на свеста кај граѓаните и на целото општеството за создавање позитивна клима за адекватен третман кон лицата со овие синдроми и за нивно „подобро утре“.

Александар Стојановски
Александар Стојановски

Александар Стојановски, потпретседател на здружението „Во мојот свет“, во изјавата за Гласот на Америка на македонски јазик, потенцираше дека донацијата од Амбасадата не Чешка, е уште еден доказ за поддршката која благородната идеја на здружението ја добива од странските дипломати.

„Во рамки на договорот што претходно беше потпишан меѓу ‘Во мојот свет’ и Амбасадата на Република Бугарија во Скопје - за проектот за реновирање и опремување на Центар за едукација, рехабилитација и сензорна терапија, со бугарската донација - Здружението започна со реновирање на просторот во Општата болница Охрид, во Одделот за педијатрија. Простор од 200 m2 ќе биде соодветно адаптиран за работа со деца на возраст од 2 до 8 години. Овој центар ќе биде прв од ваков тип, а предвидено е како регионален Центар да ја ја ‘покрива’ територијата на општините Охрид, Струга и Битола… Центарот треба да почне со работа до средината на октомври 2019“, изјави Стојановски.

А од јуни 2016-та, во Центарот за сензорна терапија „Во мојот свет“ во скопската општина Аеродром, чиј раководител е Стојановски, успешно се реализира проектот за ран третман и терапија на деца со аутистичен спектар на нарушувања од социјално загрозени семејства.

„Социјалните пакети, финансирани од бугарската амбасада а со мониторинг на Министерството за труд и социјална политика, беа реализирани во текот на 2018, со вклучени најпрвин 25 деца, а потоа, со учество и на Општина Аеродром, и на уште пет деца“, вели Стојановски, кој е координатор на проектот.

„Проектот беше промовиран пред бугарскиот амбасадор Петков, министерката за труд и социјала Царовска и градоначалникот на Аеродром Марин“, вели Стојановски.

„Покрај поддршката од амбасадите, и македонската Влада, преку министерствата за здравство и за труд и социјална политика, и Општина Аеродром, како и бизнис-заедницата, ја препознаа и поддржаа хуманата идеја за отворање на еден ваков Центар. И на свеченото отворање на 22 јуни 2016-та, присуствуваше и амбасадорот Петков, кој и во својот поздравен говор ја истакна важноста од постоење на една ваква институција за ран третман за најмладата популација погодена од аутистичниот спектар на нарушувања“, изјави Стојановски за Гласот на Америка на македонски јазик. Според него, отворањето на Центарот е успешен пример за конструктивна соработка меѓу граѓанскиот сектор и државните институции.

До официјални податоци за бројот на лица со аутизам, АДХД (Attention Deficit Hyperactivity Disorder) и Аспергеров синдром е тешко да се дојде, но неофицијално се спомнуваат бројки од 2.500 до 3.000 лица, чија состојба влијае и врз животот на нивните семејства.

Но, здружението „Во мојот свет“, и пред неколку месеци беше меѓу невладините организации кои ја ,потенцираа неопходноста од итно донесување на Законот за социјална заштита и од дополнување на Законот за заштита на децата, поради неопходното унапредување на правата и услугите на сите нивоа на општествениот живот на семејствата и нивните деца

„Како здружение на граѓани за третман на лица со Аутизам, АДХД и Аспергеров синдром, посебно внимание посветивме и укажувавме дека во новите законски решенија треба се вметнат и инкорпорираат новите предлози во однос на сегрегацијата и дискриминацијата, согласно Меѓународната конвенција за права на лицата со атипичен развој, како и дека е потребно приближување кон европските позитивни законски решенија, посебно во образованието, здравството и социјалната заштита, во насока - детето и семејството да бидат лоцирани во центарот на системот“, беше ставот на здружението.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG