Линкови за пристапност

На Интернет најави за нови протести во Македонија


Официјалните лица и политичарите повикуваат на смиреност.

Македонските власти и политичари, но и странските претставници во земјата деновиве реагираат на најавите за нови протести во врска со апсењата на осомничените за убиството на пет лица крај Смилковското Езеро.

Американската амбасада денес излезе со изјава: „Знаеме дека има повици за одржување на протести во целата земја утре и во сабота во врска со минатомесечното убиство на петте лица во близина на селото Смилковци. Додека правото на собир и мирно изразување на мислењето мора да се почитува, ние и понатаму ги повикуваме сите граѓани да ги искажуваат своите мислења на мирен начин, да останат смирени и да дозволат во овој случај законскиот процес да се одвива по својот тек, во согласност со законите и со судските процедури во Македонија“.

Вчера реагираше и македонскиот претседател Ѓорге Иванов.

„Сите имаат право да го искажат својот револт, но не и да се заштитуваат осомничените сторители на грозоморното убиство кај Смилковци“, изјави Иванов по повод најавите за нови протести во неколку македонски градови против апсењето и задржувањето во притвор на деветемината осомничени за петкратното убиство и за недозволено поседување оружје.

„Има прашања за кои не може да се искажува таков револт и став, а тоа е работата на судот. Кога имаме едно грозоморно убиство, треба да го оставиме судот да си донесе одлука непристрасно, согласно законите што се случува и во секоја земја кога има таков чин“, кажа македонскиот шеф на државата.

Повикувајќи ги сите граѓани да останат трезвени за да можат надлежните институции да ја работат својата работа, Иванов испрати апел до организаторите на протестите.

„Апелот е секој да го искаже својот став, меѓутоа прашања кои се од наш интерес, кога како држава мора да покажеме сериозност и како кандидат и за ЕУ и за НАТО мораме да пројавиме капацитет и институционално да се справиме со ваквите проблеми“, рече Иванов.

И најголемата опозициона партија апелираше граѓаните да имаат трпение и да покажат воздржаност. Секретарот на СДСМ Андреј Петров на прес-конференција потенцираше дека Македонија поминува низ исклучително чувствителен период.

„Еден од најважните приоритети е да се зачуваат меѓуетничките и меѓуверски односи во нашата земја“, рече Петров и побара „да преовлада разумот, а особено да не се прибегнува кон било какво насилство и манипулација со чувствата на граѓаните“.

Во име на СДСМ, Петров повторно ги повика владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да ги усогласат ставовите и недвосмислено да упатат заеднички апел за смирување на страстите.

Во контекст на наводите на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска дека дел од уапсените се следбеници на радикалниот ислам, почесниот претседател на ДПА Арбен Џафери изрази сомеж дека во Македонија постојат структури кои можат да се дефинираат како фундаменталистичко-политички организации.

„Тајни политички организации од таков терк за какви што се зборува во јавноста, кај Албанците не постојат. Албанците дефинитивно се определени да го поддржат политичкиот курс кој се диктира од ЕУ, САД и од НАТО“, изјави Џафери.

Во врска со најавите за нови протести, министерката Јанкулоска изјави дека Министерството ги следи сите активности и полемиките на социјалните мрежи. Според неа, јазикот на полемичарите на социјалните мрежи е недоличен, но тоа останува на нивната совест.

„Како надлежна институција ќе ги преземеме сите мерки за да се заштити владеењето на правото и правниот поредок во оваа држава. Доколку некој на кој било начин ги прекрши законите, најостро ќе реагираме и ќе го санкционираме“, рече Јанкулоска, која изрази надеж дека дека судот нема да подлегне на притисоци и на обидите „правдата да се дели на улица, наместо во судница“.

Сите изјави следуваа откако во медиумите беше обелоденета најавата за нови масовни протести против операцијата „Монструм“, кои покрај престолнината би се одвивале и во Куманово, Тетово, Гостивар, Кичево, Дебар и Струга. Иако повторно нема организатори, ниту протестите официјално се најавени во МВР, медиумите објавија дека според плановите и сценаријата објавени на социјалните мрежи, како и при минатонеделните протести, и овој петок, по празничната молитва, граѓаните муслимани од пред џамиите ќе тргнат на улични протести против апсењето на осомничените за масакрот кај Смилковци.

На минатонеделните протести, со скандирања „Али – четник!“ против лидерот на ДУИ Али Ахмети, беа искршени прозорци на опшинската зграда во Чаир каде градоначалник е кадарот на ДУИ, Изет Меџити. За овој петок се најавуват протести и пред седиштето на партијата во Мала Речица. Во дел од медиумите беше објавено дека протести можеби ќе има и пред полициските станици, но од МВР немаше официјален коментар на тоа.

Блокирањето на полициските станици во местата населени со албански муслимани е петтата точка од планот во седум точки на извесен Шукри Алија, објавен на Интернет-порталот теухид.нет. Според првата, албанските муслимани не треба да им веруваат на медиумите, туку да се информираат на социјалните мрежи. Втората точка се однесува на масовните протести, а според третата, „протестите да ги водат млади луѓе кои не се под словенското влијание“. Според четвртата, протестите не смеат да ги водат луѓе кои имаат партиски интереси, сеедно дали се од власта или од опозицијата, а според шестата, ќе бидат обелоденети идентитетот и адресите на сите полицајци - Албанци или муслимани кои соработуваат со македонските власти. Седмата точка ги повикува оџите и муслиманските лидери да помогнат во спроведувањето на планот со кој според примерот на „арапската пролет“, низ „балканска пролет“ би се решил „проблемот за муслиманите стар со векови“. Според ТВ Канал 5, по Алија, за кого се претпоставува дека е на Косово, се трага поради учество во нападите на полициските станици на Бит пазар и во Вратница.

На Фејсбук, пак, е формирана група „Протест пред Влада“ која ги повикува граѓаните в сабота да се појават пред Владата во 16 часот. Иако и таму нема организатор, групата бргу собра 1.000 потписи, меѓу кои има и такви кои пишуваат антиалбански и антисиламски пораки и коментари. Медиумите излегоа со претпоставки дека се работи за контра-протест на македонските националисти, меѓу кои е движењето „Македонски обединети сили - Прилеп“.

На Фејсбук е отвoрена и страница со петиција за изградба на ѕид на границата со Косово, која ја потпишале над 500 граѓани, а во која во седум точки се објаснуваат причините за ваквиот потег. Според порталот Плусинфо, креаторите на страницата сметат дека ѕидот би обезбедил „траен мир и стабилност во Македонија“, и би го „стабилизирал мултинационалниот соживот“. Тие тврдат дека со ѕидот кон Косово би спречило „масовното шверцување на цигари, оружје, робови, емигранти, пренесувања на човечки робови кои се користат за умртвување и трансплантација на човечки органи, последователно уфрлување на вооружени групации и нивно тренирање“.

XS
SM
MD
LG