Во Грција почна парламентарната постапка за ратификација на Договорот од Преспа – процедура од чие финиширање ќе зависи дали Македонија за неколку недели ќе го потпише протоколот за пристапување во НАТО. Првите луѓе на владата велат дека Сојузниците ја очекуваат земјава како 30-та членка на Алијансата, но и дека Атина треба да го испорача својот дел и неделава да го ратификува договорот:
„Проценките на владата се дека Македонија ја делат недели од тоа да седне на иста маса со сојузниците во НАТО. Се разбира дека треба да го почитуваме процедурите и во НАТО – за членките на НАТО да го потпишат протоколот за пристапување потребно е целосно имплементирање на Преспанскиот договор и ние очекуваме оваа недела грчкиот парламент да го исполни својот дел од обврските.“ кажа Радмила Шекеринска министерка за одбрана на Република Македонија.
САД и дел од европските сојузници, од Скопје пратија, поддршка во пресрет на финалната фаза од процесот за името. Шефот на Бирото на Националната гарда на САД, генерал Џозеф Ленгиел изјави:
„Ние во националната гарда сме горди што сме партнери со војниците на АРМ и со вашите граѓани. Вашата армија е распоредена со нашата национална гарда и заедно со наш беше првата партнерска армија распоредена во Авганистан и обезбеди голем придонес на подготвеноста на нашите сили овде на Балканот.“
Министерот за одбрана на Словенија Карл Ерјавец кажа:
„Словенија годинава слави 15 години од зачленувањето во НАТО и ЕУ и многу добро знам какви се компромиси и отстапки моравме да правиме како држава за да станеме членка на двата сојузи. Преземавме шпански компромис – успеавме од втор пат да најдеме заеднички јазик со Италија. Затоа многу добро знам во каква положба е Македонија – што се презела и што требала да преземе за да стане дел од овие организации“.
Проценките се дека в четврток грчкиот парламент ќе гласа за ратификацијата на Преспанскиот договор. Ако тоа се случи, тогаш отворени се вратите за Алијансата да го потпише протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во Северноатлантската Алијанса.