Линкови за пристапност

Македонија има шанса во НАТО секоја среда


Македонија има шанса во НАТО секоја среда
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:07 0:00

Не треба да се чекаат самити, туку одлука за проширување може да се донесе на редовниот министерскиот состанок, потсетуваат експерти за Гласот на Америка

Ако Македонија не добие покана за членство во НАТО на Самитот во јули, не значи дека ќе треба да чека до наредниот самит, туку може да стане членка која било среда, потсетува Лук Кофи од Фондацијата Хертитиџ во Вашингтон.

„Многумина мислат дека одлука како проширување треба да се донесе на самит, но, тоа не е така. Всушност, одлуката за Црна Гора беше донесена на министерскиот состанок. Тоа испраќа силна порака дека не треба да чекаме самити за да носиме вакви одлуки“, вели тој.

Кофи вели дека Грција води политика на одложување на работите, со цел да се испушти и овој Самит.

„Грција треба да се откаже од ова смешно вето. Нема смисла да ја блокира интеграцијата на Македонија во НАТО и во другите европски институции, особено бидејќи претходно вети дека за вакви цели нема да го користи проблемот со името“, убеден е Кофи

Смета дека Владата не смее да прифати уставна промена на името доколку за тоа не добие дозвола од граѓаните.

Според него, доколку имало силно американско и европско лидерство, досега ќе имаше решение.

„Еден телефонски повик од Белата куќа можеше да стави крај на овој проблем години порано“, рече Кофи.

Дејмон Вилсон, потпретседател на Атлантскиот совет во Вашингтон, вели дека Самитот во јули не е единствена шанса за Македонија, и оти државата ќе се зачлени во НАТО во моментот кога ќе се постигне договор меѓу Атина и Скопје.

Сепак, според него, Самитот ова лето е многу важен настан, кој прави притисок да се забрза решавање на проблемот.

„Традиционално одлуките за проширување се прославуваат на самити, додека за носење одлуки, Северноатлантскиот совет се среќава секоја среда во Брисел. Се собираат министри за надворешни работи, за одбрана, а традиционално, за важни одлуки како проширување, присуствуваат и лидери на држави“, вели тој.

Дали очекува брзо решение, вели дека е претпазлив оптимист.

„Гледам силна поддршка во Конгресот за да се постигне договор. Тие ќе направат се` што е можно, но двете страни треба сами да донесат одлука“, изјави Вилсон.

И Вилсон и Кофи се согласуваат дека НАТО може да донесе одлука за проширување кога чувствува дека сака тоа да го направи, додавајќи дека на тој начин се спречуваат и држави као Русија да ги користат самитите за ширење пропаганда.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG