Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, на прес-конференција во Белград со српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ, повторно се осврна на регионот, оценувајќи го ширењето на НАТО кон Македонија како конфронтација.
„Ја разгледавме состојбата во Европа која, за жал, не е здрава, поради обидите на одредени членки на НАТО и на ЕУ, да ја зголемат конфротацијата со ширењето на Северноатлантскиот сојуз се` повеќе кон Исток. Притоа не се зема предвид мислењето на граѓаните од одредени земји, како што беше случај во Црна Гора, и како што сега се обидуваат во Македонија и во Босна и Херцеговина“, вели Лавров.
На вчерашната прес-конференција, пак, со српскиот претседател Александар Вучиќ, Лавров оцени дека регионот се соочува со многу проблеми, наведувајќи ги големоалбанските аспирации.
Тој истакна дека е загрижен поради пасивноста на Европската унија, а како пример ја посочи Македонија и прекршувањето на Охридскиот договор.
На свечена церемонија, Лавров на Дачиќ му го врачи Орденот за пријателство, со кој беше одликуван од рускиот претседател Владимир Путин, завршувајќи ја неговата дводневна посета на Србија.
Facebook Forum