Линкови за пристапност

Постои чувство на реална можност Македонија да ѝ се приклучи на Алијансата. Нема непремостливи пречки“, истакна американскиот амбасадор Џес Бејли

Денот на НАТО, 4-ти април, на кој во 1949 година е формирана Алијансата, денеска во Македонија беше одбележан со трибината „НАТО и Ти", и со отворање на изложбата „Република Македонија на патот кон НАТО“, во организација на Евроатлантскиот совет на Македонија (АТА-Македонија), Министерството за одбрана, Канцеларијата за врски на НАТО и Хрватската амбасада во Скопје.

Покрај Стево Пендаровски, воведничари на настанот беа и претседателот на Евроатлантскиот Совет на Македонија Исмет Рамадани, кој потенцираше дека во речиси седумдецениското постоење на НАТО „како воена, политичка и дипломатска организација“ немало светска војна“, претседателот на Светската АТА, професорот Фабрицио Лучиоли од Евроатлантскиот совет на Италија, според кого, на Балканот има една незавршена работа која веќе не може да се пренебрегнува.

Тој смета дека активностите на НАТО треба да бидат насочени кон обесхрабрување на перспективите кои се присутни во некои соседни земји на Македонија, кон подавање рака на граѓанското општество, како и кон заокружување на процесот на интеграција.

„Амбициите да се претворат во конкретни успеси, да се помине и последната милја, за да можеме да кажеме дека сите тука сме НАТО“, порача Лучиоли

Истакнувајќи ги предностите на НАТО, Пендаровски пак, истакна дека клучните разлики меѓу НАТО и другите алтернативи за Македонија, се токму во понудените вредности.

Тој потенцираше дека медиумите се најслободни во членките на НАТО, концептот за човековите права и слободи и почитувањето на индивидуалноста, како и независноста на судството и успешноста на администрацијата се, исто така, на највисоко ниво.

На панел-дискусијата говорници беа министерката за одбрана и потпретседател на Владата Радмила Шекеринска, министерот за финансии Драган Тевдовски, амбасадорите на САД и на Хрватска Џес Бејли и Даниела Баришиќ, капетанот Горазд Бартол, шеф на Канцеларија за врски на НАТО во Скопје, а модератор беше Илија Џугуманов, проект - директор во АТА–Македонија.

„Постои чувство на реална можност Македонија да ѝ се приклучи на Алијансата. Нема непремостливи пречки“, истакна американскиот амбасадор Џес Бејли, според кого, „Македонија испраќа порака дека е сериозен играч, кој е подготвен да ги исполнува задачите, како што тоа досега го докажала со своите активности и мисии“.

„Што значи членството во НАТО за Македонија и за нејзините граѓани? Дека Македонија ќе бидете сојузник, а не партнер, пријател или сосед на останатите земји - членки. Во НАТО, 29 сојузници се грижат едни за други, постојат обврски, не само ветувања, и постои меѓусебна доверба“, рече Бејли

Според него, зачленувањето на Македонија во НАТО, ќе помогне во надминување на внатрешните политички поделби во земјата.

Министерката Шекеринска ги наведе причините поради кои Македонија сака и може да стане членка на Алијансата, како непречениот економски напредок и загарантираната понатамошна демократизација, потенцирајќи дека изминатите месеци покажале оти „демократското ткиво во Македонија не е загубено“, а министерот Тевдовски, преку примерите на Албанија и Бугарија, зборуваше за зголемување на интересот на инвеститорите со покачувањето на нивото на безбедноста.

Баришиќ, контакт-амбасадорка на НАТО во Скопје, ги споредуваше хрватските искуства од деветгодишното членство во Алијансата, со предизвиците пред кои стои Македонија, во поглед на евроатлантската интеграција, потенцирајќи ја важноста на политичката и економската стабилност.

Капетанот Бартол од Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје, пак, зборуваше за трансформацијата од колективна во кооперативна безбедност, во сферата на управување со кризи, како адекватен одговор на новите предизвици.

По панелот, учесниците одговараа и на прашања на присутните питомци од Воената академија и студенти.

Од денес до 13-ти април ќе се одвива таканаречена „НАТО недела“, која опфаќа редица настани што треба да обезбедат поинаква димензија на НАТО, за стратешката определба за членство, како и приближување на Алијансата до граѓаните на Македонија

„Клучната цел е високи претставници, одлучувачи, дипломати, претставници на вооружените сили и цивилен персонал, вклучен во Евроатлантскиот процес, да стапат во непосреден контакт со граѓаните, и да ги потенцираат конкретните придобивки на просечниот граѓанин и начинот на кој што нашето секојдневие ќе се промени со пристапување кон Алијансата“, се вели во програмата на „НАТО неделата“.

Изложбата „Република Македонија на патот кон НАТО“, на која се поставени експонати за историјатот на НАТО сојузот, како и за историјата на евроатлантските интеграции на Република Македонија, организирано ќе ја посетуваат средношколци, а нивни домаќини ќе бидат раководители на сектори во МО, претставници од Канцеларијата за врски на НАТО и од Асоцијацијата на воени аташеа од земји - членки на НАТО.

Наспроти Денот на НАТО, вчеравечер пред Руската амбасада во Скопје се одржа Семакеоднски собир, во организација на партијата „Единствена Македонија“, во знак на протест поради „срамната и непријателска одлука кон Русија за протерување на рускиот дипломат“, во случајот „Скрипал“ во Британија.

Најавувајќи дека министерот за надворешни работи Никола Димитров, „како човек со изгубено национално чувство, по налог на амбасадорите на САД и на Велика Британија протера руски дипломат во Скопје“, организаторите повикуваа на масовно присуство.

Сепак, се собраа само неколку стотици граѓани, кои, со македонски и руски песни, и знамиња на двете држави, скандираа за Русија и Македонија, и за претседателот Владимир Путин.

По интонирањето на химните, на присутните им се обрати претседателот на „Единствена Македонија“ Јанко Бачев, кој ѝ изрази благодарност на Русија за поддршката на Македонија во изминатите 27 години, како и за поддршката на рускиот народ и на протераниот дипломат, истакнувајќи дека зад одлуката за протерување не стои македонскиот народ, туку „одродените и корумпирани Македонци“ во власта.

Бачев повторно побара зачленување на Македонија во Евроазиската унија, и напуштање на евроатлантските интеграции.

Во неговото обраќање, рускиот амбасадор Олег Шчербак, меѓу другото, рече.

„Им се заблагодарувам на сите кои се изјаснија за соработка и пријателство со Русија, и се против гнасните провокации. Со жалење ќе кажам дека Република Македонија се вклучи во таа кампања, која ја покренаа неколку држави, без да се истражат сите факти. Повикувајќи се на лажното чувство на солидарност со Велика Британија, а во соработка со НАТО и ЕУ, донесена е одлука за вчерашното протерување на рускиот дипломат. Овој чекор го сметаме за непријателски чин без преседан во пријателските односи меѓу Русија и Република Македонија, што ѝ нанесува голема штета на нашата соработка. Согласно меѓународните норми, иако со големо жалење, Русија мораше да преземе адекватни мерки. Веруваме дека овој непријателски чин не го изразува чувството на македонскиот народ. Тезите дека Русија на некој начин им се заканува на националните интереси на Република Македонија се злонамерни лаги. Русија секогаш била и останува пријател на Република Македонија. Русија ја призна Република Македонија под уставното име, и го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на Република Македонија“, рече тој.

За време на говорот, се слушаа аплаузи и извици на одобрување, кога ќе се спомнеше Русија, како и со свирежи за „неоколонијалните ЕУ и НАТО, македонската власт, навреди, клетви и пцости кон премиерот Заев.

На ваквите недолични извици, амбасадорот одговори со „Благодарам за вашите коментари“.

Неделава, коментирајќи ја изјавата на амбасадорот Шчербак, дека во евентуално сценарио на напад на НАТО врз Русија во иднина, Македонија како членка на Алијансата, би била потенцијална мета на руски противнапад, националниот координатор за НАТО Стево Пендаровски изнесе претпоставка дека изјавата на рускиот дипломат „тргнува од руската најнова воена доктрина, односно дека сè што е НАТО за нив е легитимна цел, и особено, ако на територијата на Македонија, утре како членка на НАТО, се инсталираат воени бази кои би можеле да бидат дополнителна закана за нив“.

„Мојата политичка квалификација би била дека станува збор за несреќна изјава. Руската Федерација нема ниту една причина да се плаши од Македонија, денес, кога не е членка на НАТО и утре кога ќе стане“, рече Пендаровски.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG