Македонските граѓани остануваат поделени, во однос на етничката и партиската припадност, кога станува збор за стратешките цели на земјата - членство во НАТО и во Европската унија.
Ова го покажува последното истражување на јавното мислење на „Евротинк Македонија“, спроведено на крајот на 2017-та година.
Резултатите од телефонската анкета, во која биле вклучени 1.254 испитаници, се дека поддршката за влез во евроатлантските организации останува висока, односно околу 65 отсто, но, и дека таа поддршка не е иста ако се спореди меѓу двете најголеми заедници.
„Се зајакнува поделбата по партиска и етничка определба, и за влезот во ЕУ и за приемот во НАТО. Има големи разлики меѓу Македонците и Албанците и голема разлика меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ“, рече Горан Лазаров од Центарот за европски стратегии „Евротинк“.
Разликите најдобро ги отсликува прашањето „дали членството на Македонија во НАТО би била добра работа“, на кое „за“ одговориле 89,1 процент од испитаниците Албанци, и само 59,1 отсто од прашаните Македонци, што претставува јаз од 30 проценти.
На истото прашање, според партиската припадност, позитивно се изјасниле 79,9 отсто од оние што се декларирале како поддржувачи на СДСМ, наспроти 50,2 проценти од ВМРО-ДПМНЕ.
Поларизација е видлива и во одговорите на прашањето „дали ЕУ е најдобра алтернатива за земјата или треба да се бара модел на развој надвор од Унијата“.
Овде Македонците се поделени 42,5 „за ЕУ“, 42,1 „модел надвор од ЕУ“. Кај Албанците доминантен е ставот дека единствено решение е Унијата со 73,2 отсто „за“.
Од друга страна, истражувањето покажува зголемување на оптимизмот за тоа кога земјата би можела да влез во Унијата - речиси 30 отсто од испитаниците рекле дека тоа ќе се случи во наредните пет години, што е за повеќе од 10 проценти отколу во 2016-та година.
Во делот на добрососедските односи, договорот со Бугарија позитивно го оценуваат речиси 43 отсто од анкетираните, наспроти 30-те проценти кои се против.
И тука се гледа поделбата по партикска линија - секој петти поддржувач на ВМРО-ДПМНЕ го поздравил Договорот, за кој позитивно се изјасниле 66 проценти од граѓаните, кои се за владејачките социјалдемократи.
Facebook Forum