Прашање на денови е кога македонскиот и грчкиот премиер Зоран Заев и Алексис Ципрас ќе донесат одлука околу прашањето за името.
Ова го вели универзитетскиот професор и добар познавач на состојбите Никола Дујовски.
Според него, преговорите не само што не се закочени, туку двете страни не биле до решение никогаш поблиску.
„Тогаш кога ќе бидат подготвени и двајцата премиери тоа ќе го соопштат во јавноста. Очекувам дека нема повеќе да избрзуваат со никакви предлози. Важно е решението да биде стабилно и препознаено, како одржливо од двете страни и затоа е добро да почекаме уште неколку денови“, вели Дујовски.
Според него, на Македонија нема да и` се случи ништо негативно од овој процес, иако и Македонија и Грција нема да бидат задоволни до крај, бидејќи станува збор за меѓународен спор кој трае речиси три децении.
„Ова не е прашање на се` или ништо. Ова е прашање на напредок на државата. Доколку се случи на 12-ти јули да добиеме покана за членство во НАТО, државата многу ќе добие, а нема да изгуби. Идентитетот никогаш не може да биде доведен во прашање.Доколку е неопходно да се направи промена на Уставот и тоа ќе се направи, и нема да биде ништо страшно за сите нас, бидејќи членство во НАТО и во ЕУ подразбира многу повеќе придобивки“, рече тој.
Со него не се согласува професорот Жидас Даскаловски, според кого целиот процес уште од самиот почеток се водел нетранспарентно, без консултации со стручната јавност.
„Јас мислам дека оној компромис што ни го подготвуваат не е компромис. Напротив тоа е едно понижување. За жал ние гледаме дека нашата македонска страна е подготвена и инсистира да има некаков договор. Не сум сигурен дека тоа е поддржано од јавноста, граѓаните и од Македонците ширум светот. И тоа не е добра работа“, вели Даскаловски.
Многу е важно да се реши ова прашање вели Филип Ејдус професор од Белград, кој предупредува и на се поголемиот обид за руско влијание на Балканот.
„Се плашам дека доколку се пропушти овој воз и оваа шанса да се најде решение за името и државата да тргне напред кон ЕУ и НАТО, такви шанси во иднина ќе има се` помалку. Мислам дека овој момент е од егзистенцијално значење за Македонија кој треба да се искористи“, рече Ејдус.
Грчка Мала Преспа се споменува како место каде двајцата премиери ќе треба да потврдат дека е постигнат договор.
Facebook Forum