Линкови за пристапност

„Свирење дури не Ви излезе душата“ – прв албум на македонска изворна музика издаден во САД


Promotion of Macedonian music CD by Smithsonian Institution
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:19 0:00

Проектот беше поддржан од Институцијата Смитсониан и Обединетата македонска дијаспора, а домаќин на настанот беше Амбасадата на Македонија во Вашингтон.

Во просториите на Амбасадата на Република Македонија во Вашингтон се одржа промоција на албумот - Свирење дури не Ви излезе душата! Музика од Македонија, проект поддржан од Институцијата Смитсониан и Обединетата македонска дијаспора. Зад продукцијата на албумот стои реномираниот етнограф за музика и танц, Мартин Кениг, основач и поранешен директор на Центарот за традиционална музика и танц во Њујорк. Иако во пензија, тој е и натаму активен член во Одборот директори на агенцијата преку којашто работи и на бројни други проекти поврзани со етнички заедници низ САД и Канада.

Кениг за прв пат го посетил Балканот во 1966-та година и љубовта кон регионот и неговиот мелос се родила кога бил тинејџер. Снимките на албумот ги направил во Македонија во периодот меѓу 1968-та и 1973-та. Нумерите на него за прв пат биле пеени кон крајот на 19-ти и почетокот на 20-ти век, кога спомените од тешките години од турското ропство биле се` уште свежи.

„Репертoарот и стилот на подоцнежните ансамбли, влечеле корени од моделите од регионални уметници претставени во овој албум. Наспроти традицијата на професионални инструментални ансамбли во градовите, соло настапите и пеењата во помали групи биле главна карактеристика во руралните области ширум Македонија“, истакнува Кениг.

„Секој македонски град или село имал свој, уникатен стил на чалгија, на пример, издвојувајќи го примерот на Ало Тончев од Велес.

Од искуството низ годините ја издвојува автентичноста, основата на традиционалната музика и танц. „Доколку петмина танцуваат, на пример, сите тоа го прават различно, но неверојатно е како се` изгледа синхронизирано“.

Додека снимал, Кениг согледал дека ако не се заштити, оваа форма на музика и танц ќе исчезне мошне брзо и си дал задача да стори се` што може. И навистина! Години потоа, вели тој, селата во кои ги направил снимките одвај постоеле на мапа.

Фотографијата на обвивката на албумот го отсликува токму тоа, вели тој, со огромен ентузијазам раскажувајќи за познанството со музикологот Атанас Коларовски од скопското село Драчево. „Насмевката на лицата кажува се`“, посочува тој, изразувајќи воодушевеност од разновидноста на музиката, разновидноста на стилот на танцот и, како што ја нарече, целокупната милозвучност.

Кениг ја истакна потребата од дополнителен ангажман за сочувување на традиционалните вредности.

„Потребно е да има поголема промоција за овие уметници. Овде, во Америка, има малку или воопшто нема информации за вашата култура. Почитувањето на американските вредности е важно, но треба и да се сочува она што е ваше, зашто со тоа сте побогати“.

Албумот е во продукција на „Фолквејс рекордингс“, непрофитна издавачка куќа при Институцијата Смитсониан, чијшто фокус е поддршка на културната разновидност и зголемување на свесноста кај луѓето преку документација, сочувување и дистрибуција на звукот.

Директорот и кустос на „Фолквејс рекордингс“, Ден Шихи, за Гласот на Америка, изјави:

„Мошне сме пребирливи. Kога бираме, бараме добра музика и одлична приказна, а музиката сама по себе зборува многу, Ве влече и Ве обзема и Ви вели – Јас сум Македонец! Приказната е моќна, има успеси и падови, среќни моменти, но и страдањето на македонскиот народ да создаде сопствена нација, битка што е актуелна и до ден денес, а музиката е голема сила да се помогне во таа битка“.

Македонскиот амбасадор Васко Наумовски вака го оцени настанот:

„Мошне сме задоволни што една реномирана институција како Смитсониан, одлучи да издаде албум со изворна македонска музика, што значи дополнителна промоција за македонските традициии во САД. Среќни сме што промоцијата мина успешно, што имаме голем број посетители од САД коишто допатуваа и од други градови специјално за овој настан. Веруваме дека проектот ќе придонесе за натамошно популаризирање на традиционалните вредности и фолклорот на Македонија.“

Обединетата македонска дијаспора (ОМД) заедно со Меѓународната фондација за музика и уметност учествувала со една третина во финансиската поддршка на проектот. За неговата важност претседателот на ОМД, Методија Колоски, кажа:

„Проектот е од исклучително голема важност за промоција на македонската култура, традиција и фолклор, особено што ова е прв албум во историјата на Смитсонијан, веќе е во каталогот на оваа Институција, и ќе продолжи да биде таму со години. Иако повеќето од изведувачите на тој албум повеќе не се меѓу нас, веруваме дека нивниот глас, нивната музика ќе траат со векови“.

Сите аудио и видео записи, заедно со фотографиите, Мартин Кениг планира да ги дигитализира и да ги предаде на земјите од каде потекнуваат, но и во Американската конгресна библиотека во Вашингтон.

Дигитална верзија на овој албум, може да се најде на веб-страницата folkways.si.edu.

XS
SM
MD
LG