Линкови за пристапност

Мирно и регуларно, но со серија забелешки


Ставот на ОБСЕ за вториот круг на локалните избори во Македонија.

На вчерашниот втор круг од локалните избори, според податоците од Државната изборна комисија, ВМРО-ДПМНЕ ја освои власта во 56 општини. Победа славеше и етнички-албанскиот колициски партнер во владата, ДУИ, со освоени 5 градоначалнички места . Наспроти нив, опозиционерите од СДСМ освоија 4 општини, додека етнички-албанската опозиција, ДПА - една.

За владејачките партии, овие избори беа потврда за нивната досегашна работа, додека опозиционерите обвинија за голем број на нерегуларности во избирачкиот процес.

Премиерот Никола Груевски вториот изборен круг го оцени како успешен и како победа на сите граѓани и на Република Македонија.

Наспроти водачот на ВМРО ДПМНЕ, водачот на опозицискиот СДСМ изјави дека изборите не се демократски.

„И ова што го видовме на овие локални избори е само кулминација на тоталитаризмот на режимот на Никола Груевски. Се применија сите досега познати, а богами и непознати тактики и стратегии за фалсификување на волјата на граѓаните. За нас, овие локални избори не беа фер, не беа демократски и за нас не беа легитимни“, изјави Црвенковски.

Од ВМРО-ДПМНЕ на ваквите обвинувања одговорија дека се работи за обид на опозиционерите да најдат алиби со кое пред јавноста ќе го оправдаат поразот.

Невладините организации кои го набљудуваа изборниот процес тврдат дека изборите минале со многу нерегуларности. Регистрирани се притисоци врз гласачи, носење на гласачи од Пустец, семејно гласање, искористување на неписмени лица, јавуваат од невладините Цивил, Мост и Хелсиншкиот комитет.

Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР денес ги соопшти прелиминарните наоди од набљудувањето на вториот круг на изборите. Шефот на набљудувачката мисија, Герт Аренс, изјави дека гласањето било мирно и регуларно, но повторно изнесе серија забелешки за процедурата.

„Како и првиот круг, и во овој изборите беа ефикасно спроведени и изразито конкурентни. Сепак, продолжувањето на пристрасното и партиско медиумско поркивање и мешањето на владините и партиските активности го потврди недостатокот од рамноправен терен за натпревар меѓу кандидатите. Во текот на кампањата, атмосферата остана мирна, но тонот стана понегативен во некои општини. Продолжија и наводите за заплашување на гласачи, особено на вработените во јавниот сектор и злоупотребата на државните ресурси“, изјави Аренс.

Граѓанската асоцијација МОСТ оцени дека гласањето во вториот круг минало мирно, со незначително намален број на нерегуларности.
XS
SM
MD
LG