Линкови за пристапност

Бегалци: Учење на грешките


Иако невладините организации тврдат дека „Балканската рута“ и натаму, главно се избегнува, дел од институциите во Македонија посочуваат на неопходноста од подготовки за евентуален нов бегалски бран

Триесет и осум мигранти, 35 од Пакистан и тројца Индијци, на возраст од 17 до 41 година биле откриени во вторникот, на регионалниот пат Гевгелија-Скопје, во товарно моторно возило „форд транзит“ со велешки таблички, пред тунелите кај Демир Капија. Откако возачот не запрел на полициската сигнализација, подоцна полициска патрола го пронашла возилото, без возач, но со мигранти во товарниот дел од комбето, чии таблички биле лажни. Мигрантите пеш влегле во Македонија од Грција, илегално, со помош на други мигранти, со намера да продолжат за Србија и понатаму кон Западна Европа. Секој од нив, на организаторот на шверцот, му платил по околу 4.000 евра.

Според дел од активистите, овој и сличните случаи на (не)успешни обиди на прекуграничен шверц на мигранти и бегалци и нивен транзит низ македонската територија, кои наместо на сонуваните дестинации – Германија и скандинавските земји, завршуваат во околината на пограничното село Ваксинце, сепак, не се показател дека Македонија засега се соочува со нов бран бегалци.

Според достапните информации, во четвртокот во прифатниот камп „Винојуг“ крај Гевгелија, на македонско-грчката граница имало само 28 мигранти и бегалци, а во транзитниот центар во Табановце на македонско-српската граница, 80-тина. За разлика од одделни случаи од минатите години, кога малолетни бегалци и мигранти исчезнувале на рутата кон север, во двата центра во Македонија сè поретки се семејства со деца и малолетници. Главно се работи за полнолетни мажи од држави кои не се зафатени со воени судири, како Пакистан, Индија., Либија, Мароко, Алжир... Дел од нив сакаат да тргнат и во спротивна насока, на југ, за да се вратат во Грција, каде се надеваат дека ќе можат сезонски да работат „на црно“ во текот на летото, но и да добиваат помош од грчката држава. Така, Грција се полни од две страни, оти, неофицијално, десетици чамци од Турција, сепак, секојдневно пристигнуваат на грчките острови како Лезбос, Самос, Хиос, Родос и Кос, а во државата и сега се лоцирани десетици илјади мигранти и бегалци. Сето тоа навестува дека бегалската криза е далеку од трајно решение.

По повод настаните во Сирија, неодамна вицепремиерката и министерка за безбедност Радмила Шеќеринска, најави дополнителни разговори со МВР и со сите други институции околу евентуалните нови притисоци на јужната граница: „Она што се случува на илјадници километри од нас, во Сирија, ќе има влијание и врз Македонија и со зголемување на мигрантскиот притисок, меѓутоа и со една глобална ситуација во светот, која не им одговора на малите држави. Како држава, се подготвуваме и за зголемување на мигрантскиот притисок врз границите“.

И за време на неодамнешната дискусија, при презентација на Годишниот извештај за правата на бегалците, мигрантите и барателите на азил во Република Македонија, подготвен од Хелсиншкиот комитет, беше истакната разликата со ситуацијата од 2015-2016 година, но беа изнесени и предвидувања дека во следната деценија, миграциските движења нема да сопрат, туку ќе се засилат. Менаџерот во Транзитниот центар Табановце, Горан Стојановски, посочи дека Центарот за управување со кризи дал препорака за нов предлог за пролонгирање на кризната состојба до 31 декември 2018 година, а авторката на Извештајот, Елена Брмбевска, потенцираше во медиумите дека Македонија не учи доволно од сопствените грешки и дека во случај на нов бран може да се случи да се заборави „сето тоа што го поминавме во текот на изминатите години, или пак, можеби не сите, државните институции ќе го заборават, а останатите, ние што бевме на терен и работевме партнерски, сепак, можеби ќе го имаме истиот ентузијазам да се справуваме со таквата криза“.

Веќе една година се доцни донесувањето на Националната стратегија која треба да ги дефинира должностите на Македонија кон бегалците и мигрантите, да ги подобри условите за нив и да поттикне нивна интеграција. „Општествената дебата, пак, која се покрена во периодот кога се презентираше стратегијата, беше злоупотребена од политичките партии за време на предизборниот и изборниот период, исполнета со ксенофобија“, изјави во медиумите, авторката на извештајот, Брмбевска.

Затоа, меѓу препораките на ХКМ се и „итно и неодложно прекинување со практиката на нелегално, групно ‘депортирање’ на бегалци и мигранти кон соседните земји, без воспоставена прекугранична соработка со безбедносните служби; итно усвојување на Националната стратегија за интеграција на бегалци и странци (2017-2027); за да овозможи најбрзо спроведување на мерките за интеграција предвидени во Акциониот план, итно донесување на новиот Закон за меѓународна и привремена заштита; воспоставување на систем на редовно, навремено и регуларно регистрирање на сите бегалци и мигранти што транзитираат низ државата, за да се зголеми можноста за заштита на нивните човекови права; воведување на мерки за влијание врз јавното мислење за бегалската криза, со оглед на забележаното високо ниво на ксенофобија меѓу граѓаните, на несвесноста за правата на бегалците и мигрантите, причините за нивното бегство и проблемите со кои се соочуваат; гарантирање на правото за барање азил без одложување или условување од институциите; полициско постапување во согласност со националните закони и стандарди, во согласност со принципот на почитување на човековите права и слободи на бегалците и мигрантите; зголемен надзор над малолетниците без придружба...

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG