Линкови за пристапност

Бегалците - жешка тема во Македонија


Според Индексот за прифаќање на мигранти, што Галуп го објави деновиве, Македонија е на самото дно на листата. Поотворени за можноста имигранти да живеат во државата, да станат нивни сосед или да склопат брак со нивни близок роднина, покажале испитаниците од Црна Гора и Унгарија, кои заедно со Македонија ја сочинуваат тројката од најнепријателски расположени држави спрема мигрантите. Гласот на Америка го истражи прашањето од внатрешно-политички и социјален аспект и еве што откри:

Веќе две недели една од топ-темите во медиумите во Македонија и особено на социјалните мрежи е наводното населување (вдомување) на имигранти во Македонија, поради што во разни населени места низ Македонија се организира потпишување на петиции против прифаќање на бегалците, а во одделни општини се најавува и организирање референдуми за изјаснување на граѓаните за ова прашање

Иако претставниците на власта неколку пати јавно излегуваа со тврдење дека Македонија нема да прифаќа настанување на бегалци на својата територија и дека ќе остане трансфер-зона, на комисиската расправа во Собранието, опозициските пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, жестоко полемизираа, тврдејќи дека Владата во Акциониот план и во Националната стратегија за интеграција на бегалци и странци 2017-2027, наводно барала повеќе од 100 локации за почнување на изградба на згради за бегалци низ цела Македонија.

Про-опозиционата граѓанска иницијатива „Будење“ пак, иницираше потпишување петиции против прифаќање и вдомување на бегалци и изградба на кампови за нив. Потписи се собираа во Гевгелија, Прилеп, Неготино, Битола, Штип, Куманово, и скопските општини Аеродром, Гази Баба и Ѓорче Петров, се поставуваа клупи и се повикуваа заинтересиранита граѓани да го дадат својот глас против прифаќањето на бегалците.

„Слушајќи го гласот на народот, се одлучивме за оваа иницијатива од повеќе причини. Сметаме дека Македонија не е ниту подготвена, ниту има волја меѓу народот за да удомуваме мигранти. Земјата е во големи трошоци, загуби, како што кажува самата Влада, и сега повлекуваме чекор со кој треба тие мигранти да се удомат да им се обезбедат услови за интегрирање во нашето општество, а сите знаеме дека во Македонија во моментот има и неитегриран домашен народ и има народ што воопшто не е згрижен уште“, изјави во медиумите Кристијан Јандриоски од „Будење“.

Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Димитров, на профилите на Твитер и Фејсбук напиша дека никој од соговорниците со кои имал средби откако е на функцијата, не побарал Македонија да стане земја дестинација за бегалци. „Имав стотини средби од 1 јуни наваму. Ниту еден, ниту еден соговорник нема побарано Македонија да стане земја дестинација за бегалци. Факт“, напиша Димитров, според кого потребата да се шири страв меѓу граѓаните, потекнува од сопствениот страв од одговорност.

И министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, во неколку наврати последниве две недели, ги демантираше обвинувањата и тврдеше дека нема да се градат станови за бегалци и мигранти, и потенцираше и дека нема предвидено буџет за тоа и дека опозицијата само се обидува да шири страв.

Горан Сугаревски, министер за транспорт и врски во медиумите беше дециден дека „во Република Македонија нема да се градат ниту кампови, ниту станови за мигранти и бегалци. Камповите и становите ги има само во валканата кампања на ВМРО-ДПМНЕ. Ваквите ноторни лаги и манипулации имаат за цел да ја дефокусираат јавноста од сѐ поголемиот број на докази кои излегуваат на површина, а кои го ‘разголуваат’ 11 годишно криминално владеење на Никола Груевски и врхушката на ВМРО-ДПМНЕ“.

Но, кампањата против бегалците не се смирува и добива нова димензија.

Иако советниците од СДСМ, во знак на протест ја напуштија седницата, посочувајќи дека Националната стратегија за интеграција на бегалци и странци 2017-2027 година е континуитет на Стратегијата од 2008 од Владата на Никола Груевски, како и дека во Македонија право на азил имаат стекнато вкупно 10 лица, од кои само пет се со признаен статус на бегалци, мнозинството советници на ВМРО-ДПМНЕ, со 13 гласа „за“, изгласаа Советот на Општина Штип да ја почне постапката за распишување на референдум, за во септември на седница на Советот и да се гласа за распишување на референдумот. Советниците на ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека новата стратегија, при евентуаен наплив на бегалци, на Штип му налага да згрижи и вдоми околу 5.000 бегалци или 10 % од вкупното актуелно население.

И Советот на Општина Кавадарци каде на локално ниво на власт е ВМРО-ДПМНЕ, гласаше против населување на мигрантите во нивниот град, и ја усвои одлуката за распишување на референдум, во отуство на советничката група на СДСМ, која оцени дека се работи за “црна кампања“.

А градоначалникот на Општина Карпош и лидер на партијата ГРОМ Стевчо Јакимовски, ги повика „тие што ја уништија Сирија, да ги примат бегалците“: „Колку се хумани треба да ги прашате тие што ги бомбардираат нивните татковини, пред сè, да упатите прашања за хуманоста на САД и на Русија. Тие воопшто не примаат и не земаат бегалци, а треба да ги земеме ние овде“.

Од друга страна, поддржувачи на актуелната власт, на социјалните мрежи истакнуваат дека „треба да се собираат потписи за стотиците илјади лица иселени од Македонија во периодот кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ“, дека мигрантите и бегалците „немаат желба да останат во Македонија поради економската ситуација во земјата“, какои дека се работи за предизборно ширење дезинформации за поттикнување на чувство на загрозеност на граѓаните и за непсотоечки проблем и фабрикување на непријатели.

Инаку, според новиот шестмесечен извештај на Агенцијата на ОН за бегалци – УНХЦР, насловен „Очајнички патувања“, иако е намален бројот на бегалците кои пристигнуваат во Европа, продолжуваат злоупотребите, кримчарењето бегалци во организација на мрежите на трговците со луѓе. Според извештајот, вкупниот број преминувања преку Средоземното Море, драстично опаднал во првите шест месеци на 2017, споредено со истиот период во 2016, но „веројатноста за смрт кај луѓето кои се обидуваат да стигнат до Европа е сè уште алармантно висока“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG