Линкови за пристапност

И Македонија почна да ги селектира бегалците


VOA - Macedonian
VOA - Macedonian

Само лицата од Сирија, Авганистан и Ирак се третираат како бегалци од воени подрачја и се пропуштаат преку граница за транзит низ македонска територија

По одлуката на Србија да се спроведува селекција при пропуштањето на бегалците на граничните премини, и македонските власти од денес почнаа со селектирање на лицата коишто сакаат од Грција да влезат во Македонија, и да ги рангира како бегалци од воените подрачја, Сирија, Ирак и Авганистан и како лица од останатите држави кои ги третира како економски мигранти за кои границата останува затворена. Според официјалните податоци на Министерството за внатрешни работи, во последните пет месеци, им се издадени 258.417 потврди на странски државјани, од кои најбројни се токму државјаните на Сирија - 158.986, Авганистан - 56.773 и Ирак - 21.228 лица, а потоа и на државјани на Иран - 6.231 и Пакистан - 5.416.

VOA - Macedonian
VOA - Macedonian

Според вестите од лице место, неколку стотици лица се се уште на грчко-македонската граница и отворено е прашањето дали и според каков критериум, тие можеби ќе бидат пропуштени да транзитираат низ Македонија.

Слична е ситуацијата и на македонско-српската граница, каде според претставник на УНХЦР, стотина лица останале меѓу позициите на кои се припадниците на српските и на македонските полициски сили, како и на српско-хрватската граница каде се блиокирани неколку стотини лица.

На македонско-грчката граница неизвесноста предизвикала немир кај десетици лица од Иран, Либан, Мароко, Пакистан и други држави, на кои не им било дозволено да поминат кон Прифатниот центар во Гевгелија, и кои протестирале дека се дискриминирани, дека само сакаат да пристигнат до некоја од западно-европските земји и дека и во нивните татковини ситуацијата е таква што животите им се загрозени.

Иако одделни медиуми објавија дека Македонија со трослојна жичена ограда долга 1,5 километри ја блокира границата кон Грција, од двете страни на Котата 59, официјално, само се расчистува теренот, според заклучоците на Советот за национална безбедност. Советот ја задолжи македонската Армија да ги започне сите подготовки и активности за расчистување и подготовка на теренот за евентуално поставување ограда.

XS
SM
MD
LG