Линкови за пристапност

Медиумите да ја прифатат својата општествена одговорност


Алармантни податоци за (не)почитувањето на професионалните стандарди во македонското новинарство

Алармантни податоци обелодени Советот за етика во медиумите за состојбата со почитувањето на професионалните стандарди во новинарството во Македонија. Според бројот и видот на претставките кои во 2018 година стигнале до Комисијата за жалби при Советот, дури 76,5 отсто биле од страна на онлајн медиумите, по што следат телевизиите (17,6%), и на крајот се оние од печатените весници и неделници (4,4%).

„Од вкупно 68 поплаки најголем број се од граѓаните (33,8%), потоа од медиуми и новинари (25%), од организации и здруженија од граѓанскиот сектор (22,1%), и од носители на јавни функции, институции и политички партии (19,1%)“, велат велат од Советот за етика во медиумите(СЕММ).

По сите е одлучено и во 38 случаи Комисијата утврдила прекршување на Кодексот на новинарите и изрекла морална санкција, а 16 жалби биле неосновани или надвор од надлежноста на Комисијата.

23,7 проценти од вкупниот број поплаки се однесувале на медиуми кои во јавноста ширеле говор на омраза

Загрижувачки се и податоците дека 23,7% од вкупниот број поплаки се однесувале на медиуми кои во јавноста ширеле говор на омраза, употребувале дискриминирачки искази или поттикнувале стереотипи, и на тој начин им нанесувале сериозна штета на припадниците на одделни групи.

„За СЕММ е најзагрижувачки фактот што најголем дел од прекршувањата се однесуваат на основните правила на етичкото новинарство: објавување точни, проверени и сеопфатни информации (во 60,5 % од случаите) и разграничувањето на фактите од мислењето на новинарот (во 34,2% од случаите). Во 31,5% од регистрираните случаи новинарите не ја негувале културата на говор и не го почитувале принципот на примерна комуникација со јавноста“, велат од СЕММ.

Од Советот на етика заклучуваат дека публиката, која се информира главно од онлајн порталите или од други медиуми кои не ги почитуваат правилата на етичкото новинарство, станува лесен предмет на манипулација поради големиот број фабрикувани или полувистинити информации.

„Имајќи ја превид огромната манипулативна моќ на дезинформациите и на фабрикуваните или лажните вести што се шират под маската на сериозно новинарство, СЕММ, во насока на поголема афирмација на саморегулацијата, апелира да се почитуваат правилата за интернет порталите кои се членови или кои сакаат да пристапат кон СЕММ“, додаваат од ова тело.

Меѓу неколкуте правила кои се однесуваат на интернет порталите е тие да имаат наведено импресум (уредник, редакција), основач и контакт- податоци; Да се согласат и потпишат дека ќе ја поддржат саморегулацијата и ќе го почитуваат Кодексот на новинарите, Повелбата за етичко известување и Статутот на СЕММ. Објавените текстови да се потпишани од автор; Да се портали кои редовно објавуваат информативни содржини од јавен интерес; Да имаат регистрирано мк-domain; При преземање содржини од други медиуми, да го наведат изворот.

Марина Тунева, извршна директорка на СЕММ за Гласот на Америка вели дека и покрај тоа што има извесни подобрувања во однос на слободата на медиумите и слободата на изразување, што подразбира и постоење на поотворена политичка дебата и критичко медиумско известување, сепак останува обврската на медиумите да ја подобрат својата работа и да ги почитуваат професионалните стандарди.

„Наодите на Советот за етика во медиумите укажуваат на тоа дека повеќето од прекршувањата на професионалните стандарди, вклучувајќи ги и дезинформациите и непрофесионалното известување, се случуваат онлајн. Порастот на квантумот на информации и каналите за нивно ширење, како и на бројот на медиуми на интернет, неспорно отворија повеќе можности за слободата на изразувањето во еден период кога македонското новинарство тонеше на меѓународните рејтинг листи за слобода на медиумите“, вели Тунева.

„Оваа експлозија на информации и медиуми донесе и многу предизвици за професионалното новинарство – од загрижувачка деградација на етичките стандарди до повеќе законски дилеми“, вели таа.

„Но треба да се има предвид дека со оглед на тоа што порталите доминираат во медиумската сфера, „очекувано“ е тие да бидат најбројни нарушувачи на етиката“, додава Тунева.

Од СЕММ сметаат дека во овој момент повеќе од потребно е медиумите да ја прифатат својата општествена одговорност.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG