Линкови за пристапност

Кара-Мурза: Македонија не може да се справи со пропагандата на Путин без слободни медиуми


Режимот на Кремљ, а не народот на Русија е против влезот на Македонија во НАТО
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:58 0:00

Рускиот активист за човекови права и поранешен новинар, во интервју за Гласот на Америка, зборува за лошата медиумска состојба и пропагандата на Кремљ

Режимот на Кремљ, а не народот на Русија е против влезот на Македонија во НАТО, вели Владимир Кара-Мурза, руски активист за човекови права и противник на политиката на претседателот Путин.

Тој вчера доби награда за храброст од грчката фондација „Охи деј“ во Вашингтон, за промоција на граѓанското општество и демократија во Русија.

„Сигурно дека актуелниот режим е вклучен во активности против приемот во НАТО на многу држави од Источна и Централна Европа, вклучувајќи ја и Македонија. Ова е нормално за политиката на овој режим, но, е против стратешкиот интерес на Русија“, вели тој.

И покрај пропагандата на Кремљ, Кара-Мурза очекува дека Договорот за името со Грција ќе се имплементира, и Македонија ќе влезе во евроатлантските институции.

„Секогаш е чудно да се отиде во меѓународните институции, како Европскиот совет и Обединетите нации, и да се види долгото име ФИРОМ. Нема смисла една држава да се нарекува така. Со името Северна Македонија конечно ќе се реши овој спор, и државата ќе го земе заслуженото место во ЕУ и НАТО“, смета Кара-Мурза.

Како поранешен новинар и активист, кој во 2015-та и 2017-та година двапати бил труен со непозната супстанца, Кара-Мурза верува дека без независни медиуми Македонија не може да се справи со пропагандата на Кремљ.

„Најдобар и единствен начин да се справите со лажните вести и пропагандата од странски диктаторски влади, во овој случај режимот на Путин, е преку развој и поддршка на независни медиуми, бидејќи вистината е најдобар одговор за лагите“, рече тој.

Кара-Мурза, кој беше меѓу избраните да го носи ковчегот на сенаторот Џон Мекејн, како порака до Путин дека САД стојат зад демократските вредности, се надева дека Македонија ќе успее да ги исполни европските услови, а тоа се почитување на граѓанските слободи, меѓу кои и слободата на печатот.

„Нешто што и Македонија и Русија се должни да го направат“, додаде тој.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG