Линкови за пристапност

Морбилите земаат замав, епидемија и во Струга


Мерки против ширењето на малите сипаници
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:32 0:00

Забранета посета на пациенти. Натписи со оваа содржина стојат на сите одделенија во струшката градска болница, како една од мерките против ширење на заразата од морбили, која зема замав и во Струга, каде до сега се регистрирани 26 случаи.

Поради ова и тука е прогласена епидемија од морбили, покрај во Скопје, Тетово, Куманово и Гевгелија. Се очекува во струшкиот регион во наредните десеттина дена да има зголемување на бројот на случаи.

„Подготвени сме да реагираме како епидемиолошка служба, како Центар за јавно здравје кој пред се дава насоки и препораки на сите лица кои не се вакцинирани тоа да го направат. Зборуваме за лица под 12 месеци и до 45 годишна возраст. Сите тие пожелно е да се вакцинираат“, вели Сашо Точков, директор на Центарот за јавно здравје Охрид.

Дополнително беше спроведена вакцинација на здравствениот персонал во Струга, каде беа заболени седум здравствени работници. Препораките се да се изврши и дезинфекција на просторот и опремата во болницата, како и дезинфекција во градинките и училиштата.

Во последните години сите сме свесни за една за мене несфатлива пропаганда за невакцинирање на децата
Ментор Ибраими, лекар

Лекарите велат дека од како знаат за себе не паметат толку многу заболени од морбили во земјава.

„Јас во моето долгогодишно искуство морбили сум сретнал само во литературата или ретко некој случај за време на студиите кога сум гледал како изгледа клиничка слика. Значи тоа беше искоренето од нашите подрачја. Во последните години сите сме свесни за една за мене несфатлива пропаганда за невакцинирање на децата“, вели лекарот Ментор Ибраими.

Тој додава дека една од главните причини за појавата на морбили е нискиот опфат на вакцинација во некои региони на државата, иако тоа е најдобар начин на заштита.

„По епидемијата во Скопје, имаше наредба од Министерството за здравство да се провери вакциналниот статус во сите вакцинални пунктови. За сите деца кои не беа вакцинирани, на нивните родители им се испратени покани и многу од нив се одзваа и ги донесоа децата на вакцинација“, вели Јованка Коровешоска, епидемиолог.

Од Институтот за јавно здравје во Скопје велат дека за само една недела на ниво на држава биле пријавени 104 нови случаи на мали сипаници. 60,8% од нив биле непотполно вакцинирани или невакцинирани. Досега биле регистрирани околу 670 случаи. Најголем број случаи се на возраст до четири години. Вкупниот број на вакцинирани лица на возраст до 14 години во целата република до сега изнесува 17.252. Имаше и неколу смртни случаи од мали сипаници.

Морбилите се заразно заболување кое може да предизвика сериозни последици по здравјето на луѓето.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG