Линкови за пристапност

Едни на протест, други на излет


Независните сидикати маршираа со слоганот: „Не бидете опуштени, да не бидете отпуштени!“

Демонстранти, членови на организациите - потписници на Повелбата за солидарност, на денешниот првомајски протестен марш по улиците на Скопје побараа пратениците веднаш да го разрешат актуелниот претседател на Собранието Трајко Вељановски, за да може „да се отворат внатрешни и надворешни истраги за узурпациите на власта“.

„Веднаш пратениците да и` изгласаат недоверба на актуелната Влада. Овие две барања се почетен предуслов за каква и да е истрага за поправање на актуелната состојба. Тоа дури и амбасадорите на Германија и САД ни го кажаа најотворено и јавно. Затоа, бараме и најитно ставање во мирување на Законот за вработените во јавниот сектор, Законот за административните службеници, како и сите измени на законите за државните службеници, за културата, образование и енергетика. Но, и најновите правни ’бисери’ – Законот за хонорарните давачки“, порача Сашко Тодоровски од Синдикатот на вработените во Министерството за надворешни работи.

„Овие пратеници ги изгласаа законите против кои протестираме. Наместо да не` бранат нас, станаа нивно најголемо оружје. Инволвирани се во узурпацијата на власта и дознавме дека не биле избрани на фер и демократски избори, туку преку изборни измами. Собранието е заробена институција на власта. Гласаат за штетни закони наместо да им дадат отказ на корумпираните министри и да изгласаат недоверба. Нема да дозволиме да бидат амнестирани пратениците кои не одговараат на овие барања и кои уште еднаш покажаа дека се дел од најотворената узупрација на власта“, рече Тодоровски.

По повод празникот, Меѓународниот ден на трудот- 1 Мај, над две илјади членови на синдикални организации, левичарски здруженија и невладини организации, новинари, уметници, граѓански активисти, административци, членови на Синдикатот на УПОЗ и МЕССО коишто се под закрила на Сојузот на синдикатите на Македонија, како и Конфедерацијата на синдикални организации, којашто опфаќа независни синдикалци, со свирчиња, мегафони, сирени и многубројни транспаренти меѓу коишто се истакнуваа „Груевски: Земам од сиромаси давам на богати!“, „Сите политичари излегуваат од народот, но никако да се вратат!“, денес протестираа на најмасовниот првомајски марш последните неколку години, организиран во одбрана на работничките права.

Маршот тргна од споменикот на синдикалците во центарот на градот, до Собранието, па преку Министерството за правда, до Владата, каде што беа извикувани и слоганите: „Народот го крадете!“, „Оставка!“, и „Грда ви е Владата!“.

Меѓу неколкуте преставници на синдикалните организации – потписници на Повелбата, пред Владата говореа претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Пеце Грујоски, претставникот на Наставничкиот пленум Ристе Николоски и претставничката на организацијата на стечајците – УНИТ, Лилјана Георгиевска.

Грујоски му забележа на актуелното државно раководство што „ниту еднаш не го честитало празникот на работниците“, а Николовски го осуди говорот на омраза на министерот Владимир Пешевски кон децата – средношколците коишто ја бокотираат наставата во знак на протест за „лошите реформи“ во образованието. Георгиевска побара од синдикалците да им дадат поддршка на стечајците коишто со години наназад се борат да добијат надомест од по 6.000 денари месечно до пензионирањето.

Претседателот на Конфедерацијата на независни синдикати, Марјан Ристески, пред Владата потенцираше дека, според него, провладиниот Сојуз на синдикати на Македонија станал „навивачка група која поздравува се` живо што оваа Влада ќе донесе и повеќе нема никаков легитимитет... Не дозволуваме повеќе да си играат со нас, време е да ја вратиме моќта на работникот, да му ја вратиме функцијата на синдикатот кој е деградиран и исмеан“.

Тој тврди дека Владата никого не почитува и им се заканува на работниците од сите професии, на синдикатите, на новинарите, па дури и на амбасадорите.

„Се дрзнаа и отидоа дотаму, да им се закануваат и на децата. Тука ја прелија чашата. Бараме да си поднесат оставки! Бараме да ја ослободат Македонија од прангите во кои ја држат, да ги ослободат институциите и да им дозволат да си ја вршат својата функција“, изјави Ристески.

Паралелно со маршот на независните синдикати и невладините организации, протест насловен како „Марш на солидарност“ организираше и Сојузот на сидникатите на Македонија (ССМ).

Претседателот на ССМ Живко Митрески порача дека „како претставници на работниците, марширајќи солидарно на овој ден, бараме натамошно подобрување на социјалната и материјалната положба на работниците и граѓаните во Македонија, доследно почитување и примена на работничките права на сите нивоа, елиминирање на опасноста од нееднаквост на работниците и на разликите и третманот на работниците во приватниот и јавниот сектор, анализа на законите кои предизвикуваат грижа и нерамноправен третман на работниците во приватниот сектор и администрацијата“.

ССМ бара потпишување колективни договори на сите нивоа, обезбедување на сигурни работни места, траен работен однос, работен однос на неопределено време како предуслов за мирен и спокоен живот на работниците и нивните семејства и сигурни плати за сите работници коишто ќе им обезбедат пристоен живот.

Златко Савески од левичарското движење „Солидарност“ изјави дека „има два вида синдикати, едните на работниците се овде, а другите, продадените, отидоа да се солидаризираат со власта... Во Македонија недостасува слобода и демократија и социјална правда. Нема да дозволиме да ни ги укинуваат работничките права. Мора да кренеме глас, доста беше молчење! Доста ни го газеа достоинството. Да го кренеме гласот. Ако ги спуштиме и држиме главите доле, никогаш нема да го видиме сонцето“, рече Савевски.

Иако демонстрантите извикуваа и слоган „Не сакаме скара, сакаме правда!“, паралелно со протестите на скопските улици, Денот на трудот голем дел од скопјаните во излетничките места, на Матка или на Водно, го прославија со скара.

XS
SM
MD
LG