Секретарот за одбрана на САД Џејмс Матис денес во Скопје рече: „За две седмици граѓаните повторно ќе ја имаат демократската можност да ја одредат иднината на земјата. Ќе ги позајмам зборовите на канцеларката Меркел искажани за време на нејзината неодамнешна посета – како што ќе гласате на референдумот за да се приближите до зачленување во НАТО, како што ќе гласате на најважниот глас во историјата на вашата земја. Ја разбираме комплексноста на политичкиот избор пред граѓаните и ве поддржуваме вас – нашите македонски пријатели во изразувањето на вашиот суверен глас и вашата демократска одговорност да гласате“.
Матис беше јасен и дека НАТО ја чека Македонија како 30-та членка, рамноправна на масата на најмоќниот воено -политички сојуз во историјата.
Премиерот Зоран Заев ја поздрави посетата на високиот гостин: „Посетата е голема чест зашто доаѓа во клучен момент кога граѓаните се подготвуваат на најдемократски начин да го искажат својот став за Договорот од Преспа од кој зависи ЕУ и НАТО- интеграцијата. Вашата посета е уште една потврда на нашето стратешко партнерство и е сигнал за исправноста на политиките на РМ“.
Министерката за одбрана на Македонија, Радмила Шекеринска, посочи на позитивните промени настанати во Македонија изминатава година: „Почитуван секретаре, денеска се наоѓате во поинаква Македонија од онаа држава што гледавме пред повеќе од 1 година. Македонија тогаш беше заглавена во сопствените проблеми, Македонија не нудеше перспектива. Денес Македонија е земја со НАТО -покана, без отворени прашања со своите соседи“.
Секретарот за одбрана се сретна и со Ѓорѓе Иванов – од неговиот кабинет соопштуваат дека шефот на државата рекол „дека пристапувањето во НАТО и ЕУ остануваат стратешки цели и највисоки приоритети на земјата“. Во соопштението не се споменува Договорот за името, ниту претстојниот референдум – прашања за кои Иванов има дијаметрално различен став и од владата и од меѓународната заедница.
Facebook Forum