Линкови за пристапност

Анкета за легализација на марихуаната во медицината


Седумдесет проценти од македонските граѓани се за легализација на марихуаната за медицински цели, но речиси исто толкав процент се против општа легализација.

Ова го покажува неодамнешната теренска анкета на Агенцијата за истражување на пазар и јавно мислење,

М-Проспект, во која испитаниците одговарале на две прашања: Дали мислите дека употребата на медицинска марихуана треба да биде легална, или не и, дали мислите дека употребата на марихуана треба да биде легална, или не?

Против употреба на медицинска марихуана се околу 28 проценти од анкетираните, додека за општа употреба на овој вид дрога се 34 проценти.

Ставот за легализација на марихуаната во медицински цели во овдешната јавност не е нов, и особено се засили откако преку медиумите, а особено преку Интернетот, маслото од канабис се промовира како лек за болни од тешки малигни заболувања, епилепсија, аутизам, кои тврдат дека се излекувале со маслото од канабис, кај кои современата медицина кренала раце.

Во април годинава, неколку македонски невладини организации побараа легализација на канабисот за медицинска употреба преку петиција, организирајќи дури и музички хепенинг во Скопје "Коноп фест".

„Мојот став по ова прашање е дека општата легализацијата на марихуаната не треба да се прифати. Тоа би донело до лоши последици долгорочно. Истовремено, прашањето за увоз и пуштање во употреба со лекарски рецепт на лек кој е базиран на масло од канабис под строго регулирани услови, треба да биде опсежно проучено и јавно дебатирано, не од политичари или новинари или пак политички аналитичари, туку од лекари специјалисти во областите, фармацевти, доктори на науки и напредни научници исклучиво на стручна база“, рече премиерот Никола Груевски. Со тоа, повторно, овојпат јавно, го потврди негативниот став на официјалните институции кон ваквите иницијативи.

Пред да се донесе какво било решение, според него, треба да се проучат искуствата на некои европски држави и САД, зошто овие лекови некаде се дозволени, а некаде не, и какви се нивните искуства.

Досега единствено Либерално - демократската партија отворено застана зад оваа идеја, сметајќи дека легализацијата „ќе им се овозможи на болните коишто се одлучиле за таков третман, овој лек да го земаат легално, и притоа ќе се елиминираат сите сомнежи и можности за манипулации од страна т.н. дилери на марихуана, околу квалитетот на производите од оваа супстанца“, се вели во соопштението.

Сепак, не само политичката, туку поделена е и научната и стручната јавност во Македонија. Додека фармаколозите сметаат дека канабисот не треба да се легализира како лек, туку како додаток на храна, токсиколозите се децидно против, со образложение дека сите зависници од тешки дроги почнале со марихуана.

„Употребата на маслото од канабис секако дека има позитивни страни, но како токсиколог мојот личен став е негативен. Од искуството со зависниците од дроги што го имам на Клиниката за токсикологија, најодговорно тврдам дека најголем дел од зависниците од хероин или други тешки дроги, прво почнале со употреба на марихуаната, па потоа поминале на потешки дроги. Второ, сметам дека во моментов државата нема да може докрај квалитетно да го контролира увозот и производството на маслото од канабис и сметам дека ако сега се легализира, ќе има повеќе злоупотреба, отколку корист", вели д-р Чибишев.

Неодамна, Хрватска дозволи третман со медицинска марихуана на малигни заболувања, сида, мултиплекс склероза и детски епилептичен синдром. Во државите на ЕУ се користи „Епидолекс“ како лек, а екстракт од канабис со 98 % удел на канабиноид.

XS
SM
MD
LG