Линкови за пристапност

Владата ќе мора да го преземе ингеренциите на неспособната локална власт?


Тетовските еколози од НВО „Еко герила“ порачуваат дека ништо не им значат ингеренциите на локалната власт, ако граѓаните „живеат во 19 век“

Тетовската невладина организација „Еко герила“ денеска побара Владата и премиерот Зоран Заев, кој во предизборната кампања за локалните избори во 2017 и даде поддршка на градоначалничката Теута Арифи и за втор мандат, да и ги одземат ингеренциите на Општина Тетово поради натрупаните нерешени проблеми и неисполнетите ветувања на тетовската градоначалничка.

Според Аријанит Џафери од „Еко герила“, првата дама на Тетово, Арифи и во вториот мандат не успева „да одговори на потребите, барањата и законските обврски за да има чиста животна средина и функционален ред“.

Активистите од „Еко герила“ беа децидни во барањето до Владата и Заев: „Ве молиме да ги одземете ингеренциите на Општина Тетово за кои не успеа да се справи и да ги управува“. Еколозите и со видео-материјал го илустрирале намалувањето на зелените површини поради градење нови згради и бетонирање на парковите и зелените површини, изведено, според нив, со премолчана согласност на локалната власт.

„Градот е претворен во урбана пропаст, преовладува сообраќаен хаос, недостаток на јавна чистота, депонии за отпад во повеќе делови од градот, недостаток на паркинг и јавен превоз“, изјавил, според медиумите, Џафери на денешната прес-конференција. Според активистите, кои потенцираат дека еден од клучните услови за отворање преговори со ЕУ се реформите во правосудство, борбата против корупцијата и организираниот криминал, како и владеењето на правото, локалните и државните институции немаат никаков успех во воспоставувањето ред и закон и спречувањето на загадувањето на воздухот, водата и почвата.

Барањето на невладиниот сектор од Тетово доаѓа, само ден откако градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, побара од Владата да ги преземе ингеренциите на Општината: „ ... Како градоначалник на Струга, имајќи ги предвид и последните случувања и политичката состојба во државата, одлучив да ви ги отстапам ингеренциите во областа на урбанизмот, во делот на издавање на дозволи за градба, во делот на легализација на објектите, во делот на издавање на концесии, како и во делот на спроведување на забелешките од УНЕСКО... Се надевам дека вие, како централна власт, со вашите капацитети, ќе имате подобро разбирање и визија за потребите на бизнис заедницата и граѓаните на Општина Струга“.

Мерко испрати писмо до централната власт, директно до премиерот Зоран Заев, но и до вицепремиерите Радмила Шекеринска, Оливер Спасовски, Садула Дураки и Кочо Анѓушев и до министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, во кое тврди дека „врз основа на последните случувања и долгорочната кампања која се води против градот Струга и градоначалникот на Општина Струга, мислам дека истата има само една цел, и тоа: ‘покривање’ на дивоградбите во градот Охрид и опасноста која доаѓа со одземањето на статусот на градот Охрид и Охридското Езеро кои го имаат во рамките на УНЕСКО“.

Мерко тврди дека иако „Струга и граѓаните на Општина Струга веќе подолго време се изложени на континуирани и неоправдани медиумски и политички напади дека сè што се работи во Струга е надвор од законските одредби и спротивно на интересите на државата, односно, интересите на УНЕСКО“, фактичка состојба е дека и пред, и по неговото доаѓање на власт, „не е изградена ниту една дивоградба, а најмалку е направена узурпација на државно земјиште или нанесување на штета на еколошката состојба во градот“.

„Јас како градоначалник, сум притиснат од бизнис-заедницата и туристичките работници од една страна, и континуираното и намерно блокирање на туристичкиот развој и зголемувањето на туристичките капацитети во градот Струга од друга страна, зашто, министерот за транспорт и врски, заедно со Комисијата на УНЕСКО одбиваат да донесат било каква промена на Деталните урбанистички планови (ДУП) и ГУП на целосната територија на Општина Струга и намерно го блокираат економскиот развој на градот, и истовремено ги принудуваат градежните компании да ги затворат нивните фирми, ги принудуваат странските инвеститори да се откажат од инвестициите во туризмот и хотелиерството во Општина Струга, со тоа што директно ја поттикнуваат емиграцијата на младите надвор од Република Северна Македонија!“, обвини Мерко.

Според струшкиот градоначалник ваквиот однос, „ги доведува во опасност и постоечките хотелски и угостителски капацитети во Струга и е директна закана за туристичкиот развој на Општина Струга“. Тој воедно, ја извести централната власт дека ќе ги информира сите дипломатски претставништва, министерства и медиуми, „со цел да се прекине оваа негативна кампања кон Струга, стружани и кон мене, и да се обезбеди непречен развој на Општина Струга“

Но, заштитниците на животната средина од граѓанскиот сектор, веќе подолг период го обвинуваат Мерко за нереагирање по повод криминалната урбанизација и легализирањето дивоградби, за одмолчување на палењето широки појаси трска во Струшко за ослободување на нови површини за урбаната мафија, и за несоодветна и нелегална реконструкција на објекти кои се дел од културното наследство.

Во дел од медиумите и на социјалните мрежи се појавија и шпекулации дека градоначалникот Мерко го испратил писмото откако добил директна закана по неговиот живoт, односно откако граѓанин во просториите на Општината се заканувал дека ќе го убие градоначалникот и уште еден општински функционер, што го потврдила и информација од СВР Охрид, која официјално соопштила дека жител од селото Велешта, се заканувал на повеќе вработени во Општината

По пролонгирањето за решавање на состојбите во Охридскиот регион, кое Македонија го доби на неодамнешната 43 сесија на Комитетот на УНЕСКО во Азербејџан, се огласи и премиерот Заев, кој најави дека во случај локалната власт да не реагира според законот, во поглед на дивоградбите кои ги посочува и УНЕСКО, а затоа што е „загрозен Охрид со ставање на Листата на загрозено светско наследство, затоа што граѓаните реагираат и затоа што тоа е неправда“, во решавање на проблемот, ќе се вклучи и извршната власт, со одземање на надлежностите на општините.

„Сега-засега локалната, но се надевам, многу бргу и извршната власт, ќе покаже што значи законот и владеењето на правото. Дивоградбите треба да се урнат, затоа што не можат да се легализираат. УНЕСКО е екстра-причина. Разговарав со градоначалникот на Охрид дека очекувам да се постапи согласно законот, ништо помалку и ништо повеќе, ни мускули ни сила. Ако не се постапи, најавувам одземање на надлежностите, како што сум му најавил на господинот Мерко, градоначалникот на Струга… Ако не го спроведат законот, јасно е пропишано како се одземаат надлежностите и тогаш, државата постапува“, беше дециден премиерот.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG