Линкови за пристапност

Македонија: Изворот на листерија се` уште непознат


Надлежните власти не сакаат да шпекулираат додека не добијат целосна слика

Се` уште не се знае изворот на бактеријата листерија, од која во Македонија изминативе неколку месеци заболеа осуммина, од од нив четворица починаа.

Од досега испитани 610 од вкупно 750 земени мостри, позитивни на листерија се 23 примероци, соопшти денеска на прес-конференција директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Дејан Рунтевски. Но, тој уверува дека овој процент е далеку под оние што ги пропишуваат македонските правилници и европските регулативи.

„Листерија има, но во минимални количини, под 10 колонии на грам, што е далеку под дозволеното ниво од 100 колонии на грам во рамки на рокот на траење на производот“, рече Рунтевски, додавајќи дека првичното сомнение дека изворот на смртоносниот тип на листеријата се колбаси и мелено месо, се покажале непотврдени. Според првиот човек на Агенцијата за храна и ветеринарство, типот листерија пронајдена во храната воопшто не соодветствува со онаа кај заболените лица.

„Не сакаме да шпекулираме. Сакаме да ги имаме сите податоци, сакаме да имаме точна типизација, за да бидеме сигурни дека предизвикувачот е тој. Податоците покажуваат дека не можеме да го врземе со млечната и со месната индустрија, бактеријата ја има насекаде и треба да се види кои ќе бидат понатамошните чекори. Досега имаме две значајни откритија од оние мостри коишто досега се испитани. Прво, кај сите пациенти заболени од листерија утврдено е дека имаат ист генетски причинител. Врз основа на оние позитивни мостри од вонредните контроли, 23 се позитивни од 610 досега испитани, 16 ги дадовме на типизација за да видиме дали е тој истиот ген што е издвоен кај луѓето, но нема такво поклопување“, вели Рунтевски.

Иако месото, месните и млечните производи и натаму остануваат најопасни потенцијални жаришта, сега вонредните и подетални контроли ќе се префрлат на производите од увоз, но и овошјето и зеленчукот. Она што ја прави истрагата покомплицирана е што осуммината заболени не се од едно место, туку се распоредени низ целата држава.

И досега беше познато дека бактеријата листерија вообичаено ја има во погоните, во домаќинствата, се смета за постојан контаминент. Но, паника предизвикаа смртните последици кај заболените. Додека надлежните институции за храна започнаа засилени контроли кај производителите, Министерството за здравство поднесе кривична пријава против непознат сторител. Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека сега кога се знае генотипот на листеријата, контролите сигурно на крајот ќе доведат до причинителот.

XS
SM
MD
LG