Линкови за пристапност

Гадафи ја губи поддршката од либиски претставници


Гадафи ја губи поддршката од либиски претставници
Гадафи ја губи поддршката од либиски претставници

Хјуман рајтс воч тврди дека во востанието загинале 233 лица, поголемиот дел во источните покраини, што навидум потпаднаа под контрола на силите против Гадафи

Либискиот водач Моамар Гадафи ја губи поддршката на клучните лидери во својата влада. Либиски претставници, дома и во странство, даваат оставки или пак пребегнуваат, на тој начин реагирајќи на крвавата пресметка на Гадафи со демонстрантите ширум земјата кои бараат негово симнување од власт.

За време на кусата телевизиска изјава понеделникот, Гадафи кажа дека е во либискиот главен град Триполи, а не во Венецуела, како што се ширеа гласини. Ова беше негова прва изјава во јавноста откако предминатиот понеделник избија демонстрации во источна Либија, а потоа се проширија во Триполи. Протестите се најголем предизвик во досегашното 42-годишно владеење на Гадафи.

Либиски дипломати во неколку земји ги прекинаа односите со Гадафи во знак на протест поради нападите на неговите лојалисти врз противвладините демонстранти. Либискиот амбасадор во САД Али Ауџали за Асошиетед прес изјави дека Гадафи треба да даде оставка. Либиските амбасади во Малезија и Австралија наведуваат дека повеќе не го застапуваат Гадафи.

Либискиот амбасадор во Индија Али ал-Есави понеделникот даде оставка поради, како што наведе, неприфатливото насилство што вклучило и бомбардирање на цивили. Виш либиски дипломат во Пекинг вели дека ја напуштил должноста и ги повика останатите да го сторат истото.

Сведоци во Триполи наведуваат дека либиските хеликоптери и борбени авиони понеделникот нападнале цивилни области, додека африкански платеници и оружени лица лојални на Гадафи без никаков обѕир отвориле оган за да го тероризираат населението. Либиската државна телевизија, под контрола на владата, денес јави дека извештаите во странските медиуми за масакри во земјата се лаги наменети за уништување на моралот на јавноста.

Претходно, либиската телевизија соопшти дека силите лојални на Гадафи напаѓале скривалишта на саботери, без да даде детали. Исто така, го цитираше синот на Гадафи, Салиф ал-Ислам, дека либиските авиони напаѓале само скривалишта на муниција.

Хјуман рајтс воч тврди дека во востанието загинале 233 лица, поголемиот дел во источните покраини, што навидум потпаднаа под контрола на силите против Гадафи. Во овој број не се вклучени жртвите на насилството во Триопли понеделникот.

XS
SM
MD
LG