Линкови за пристапност

Усвоен „Законот за антидискриминација“, опозицијата загрижена за традиционалните вредности


Со изгласаниот Закон за спречување и заштита од дискриминација се овозможува еднаква заштита и достоинствен живот за сите граѓани и граѓанки на Република Северна Македонија, тврди актуелната власт

Во Македонија од вчера, со закон е забранета „секоја дискриминација врз основа на раса, боја на кожа, потекло, национална или етничка припадност, пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група, јазик, државјанство, социјално потекло, образование, религија или верско уверување, политичко уверување, друго уверување, попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, лично својство и општествен статус или која било друга основа“.

Со вклучувањето на „сексуалната ориентација“ и „родовиот идентитет“, новиот закон ја проширува заштитата од дискриминација и кон оваа група македонски граѓани, но генерално, законот го поддржаа, секое во сферата на своите активности и интереси, и здруженија на Роми, на сексуални работници и на жени, здруженија на лица со попреченост, на ЛГБТИ-лица, на сиромашни и социјално исклучени граѓани, како и здруженија на различни групи пациенти, на лица со ХИВ, на корисници на дроги, но и здруженија кои работат во сферата на ЕУ-интеграцијата и на демократизацијата на македонското општество...

Така, вчера, долго очекуваното донесување на Законот за спречување и заштита од дискриминација, на 90-тата седница на Собранието, имаше експресна разврска. Од 120 пратеници во парламентот, присутни беа 62, гласаа 54 пратеници - 53 беа „за“ и еден - „воздржан“. Беше исполнето и Бадентеровото мнозинство, затоа што, за со месеци спорниот закон, гласаа 13 од 20-те присутни пратеници - припадници на немнозинските заедници, со по еден глас „против“ и „воздржан“.

Ова е „значаен чекор во борбата против сите форми на дискриминација, почитувајќи го и вклучувајќи го законодавството на ЕУ и меѓународните стандарди“, тврди власта

Предлог-законот чие донесување беше од важност и за евроинтеграциите на Македонија, со месеци беше во редовна постапка, но беше блокиран во парламентарната процедура, па Владата го повлече и го врати во Собранието по скратена постапка. И покрај „европското знаменце“, расправата по т.н. Закон за антидискриминација, помина во остри полемики на неговите поддржувачи од власта и од поголемиот дел од граѓанскиот сектор, кои ги истакнуваа неговите вредности во поглед на заштита и унапредувањето на правата и слободите на граѓаните, и на противниците на предложените законски мерки од опозицијата и од верските организации, кои тврдеа и тврдат дека законот е против традиционалните вредности што ги почитува мнозинството од популацијата.

По реакциите на ВМРО-ДПМНЕ дека со новиот закон ќе се избришат дефинициите за семејство и термините „„мајка“ и „татко“, што го демантираше Министерството за труд и социјална политика, со тврдење дека родителството, бракот и семејството се уредуваат со Законот за семејство, поддржувачите на законот од НВО-секторот побараа од најголемите политички партии од владеачкото мнозинство – СДСМ и ДУИ, веднаш да го донесат законот и ја осудија реториката која во врска со законот ја користат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.

Седум мрежи на граѓански организации и 100 здруженија и фондации кои ги застапуваат правата на различни групи граѓани што се соочуваат со дискриминација, пред две недели на прес-конференција пред Собранието побараа деблокирање и итно ставање на дневен ред на Законот за спречување и заштита од дискриминација, а потоа, ги повикаа и „сите граѓани кои имаат нулта толеранција за дискриминацијата да се придружат, за заедно да ги потсетиме народните избраници дека правата на граѓаните не смеат да бидат условени од личните ставови и партиските игри!“

И пред самото одржување на собраниската седница, вчера, се одржа протест пред Собранието, со децидни барања законот да биде изгласан. Но, опозицијата опстојува(ше) на ставот дека законот ќе овозможи редефинирање на категоријата семејство и бришење на бракот - како заедница на маж и жена, со востановување на нови критериуми за посвојување деца.

Драгана Дрндаревска од Мрежата за заштита од дискриминација во медиумите изјави дека „законот не содржи ниедна одредба која зборува дека ќе се менува бракот, или ќе се дозволи брак, или регистрирано партнерство, или заедница за истополовите двојки. Зборуваме за закон за заштита од дискриминација. Тој ги штити сите граѓани од дискриминација – Ромите, луѓето со попреченост, сиромашните, врз основа на политичко уверување, но и врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет. Нивното вметнување беше клучно барање на ЕУ, бидејќи за претходниот закон беше оценето дека не ги исполнува доволно стандардите на ЕУ правото, затоа што ЛГБТ-луѓето не беа експлицитно заштитени“.

И според власта, „Законот за спречување и заштита од дискриминација има добиено позитивни мислења од Венецијанска комисија, од Обединетите нации, од ЕУ и од ОБСЕ-ОДИХР. Тие истакнуваат дека Република Северна Македонија, со ова ново законско решение, прави значаен чекор во борбата против сите форми на дискриминација, почитувајќи го и вклучувајќи го законодавството на ЕУ и меѓународните стандарди“.

Според Комисијата за заштита од дискриминација (чии членови се избрани во време на Владата на ВМРО-ДПМНЕ и кои имаат директно спротивставен став во однос на власта), која излезе со став дека не треба да се прекине мандатот на нејзините членови две години порано, зашто се создава „силен сомнеж за уште едно мешање на политиката во работата на независните институции“, важно е исклучок од дискриминацијата, да биде токму дефиницијата според која, „уредување на бракот, вонбрачната заедница и семејството е исклучиво како заедница на спротивни полови, односно на еден маж и една жена.“

Актуелниот состав на Комисијата смета дека „во спротивно, силно се јакнат легитимните стравови на конзервативниот дел од граѓаните на нашата држава, независно од нивната политичка, етничка или верска припадност, во смисла, дека се создава правно фундиран простор за легализација на истополовите бракови, како и за легализација на желбата на овие двојки за посвојување на деца“.

Од друга страна, новиот закон им овозможува и на здруженија, фондации, синдикати или други организации од граѓанското општество и неформални групи кои имаат оправдан интерес за заштита на интересите на одредена група или кои во рамките на својата дејност се занимаваат со заштита од дискриминација, да можат да поднесат тужба, ако направат веројатно - дека со постапувањето на тужениот се дискриминирани поголем број лица.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG