Линкови за пристапност

Бејли: „Македонските медиуми можат многу подобро“


Бројни реакции по интервјуто на ТВ Сител со лидерот на опозицијата.

По вчерашното интервју на главниот и одговорен уредник на провладината ТВ Сител, Драган Павловиќ Латас со лидерот на СДСМ, Зоран Заев, реагираше американскиот амбасадор Џес Бејли. „Фер и балансирано. Ве молам. Македонските медиуми можат многу подобро“, напиша амбасадорот на својот Твитер профил.

По истиот повод, евроамбасадорот Аиво Орав твитна: „Балансирано медиумско известување?!“, а британскиот амбасадор Чарлс Герет на својот Фејсбук профил го постираше следниот статус: „Го гледав Дневникот на Сител вчеравечер. Реакциите се значајни, не само затоа што е многу редок настан, опозициски лидер да има настап на националните најгледани канали. Ова, исто така, покажува колку многу на луѓето им е важно и колку се битни принципите на медиумските слободи во демократиите, вклучително Македонија. Не сум експерт за медиуми и не би можел во детали да коментирам за синоќешната програма. Тоа е одговорност на медиумските тела, вклучително и на Агенцијата за медиуми како регулатор, чиј одговор го нотирав денес. Овие тела треба во целост да одговорат на ваквите појави за да се зајакне довербата на јавноста во медиумскиот сектор. Балансираноста и непристрасноста и почитувањето на законите се клучните принципи за одговорно и веродостојно покривање на политичките настани.”.

До ваквите невообичаени реакции на високите дипломатски претставници на САД, ЕУ и Велика Британија, дојде откако во централното издание на вестите на ТВ Сител, главниот и одговорен уредник на медиумот, за време на интервјуто во живо, не му дозволи на гостинот да одговори на голем дел од прашањата, го навредуваше, не му дозволуваше да дојде до збор, со оправдание дека тој е новинар и домаќин во студиото.

Инаку, ова беше прво гостување на еден опозиционен лидер по неколку години на телевизијата Сител.

На настапот на Павловиќ, денес реагираше Советот за етика во медиумите на Македонија, кој изрази „сериозна загриженост поради непрофесионалното однесување на главниот и одговорен уредник Драган Павловиќ – Латас и непристојниот и несоодветен третман кон гостинот Зоран Заев“.

СЕММ го обвини уредникот Павловиќ, за „служење со дискриминаторен речник, потценувачки и арогантен пристап, како и дискредитирање на соговорникот значи, еклатантно кршење на етиката во информирањето на јавноста и злоупотреба на функцијата новинар, уредник и домаќин во интервју или емисија. Неспоиво со оваа професија е непримерната комуникација со соговорникот, а преку тоа и со јавноста, како и поттикнувањето стереотипи по која било основа, а грешките од ваков тип може да имаат трајни последици врз работењето на медиумот и перцепциите на јавноста“.

Неодмерениот однос на новинарот го осуди и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, според која, „наместо интервју во кое различните гледишта и мислења ќе добијат еднаков третман со што публиката ќе може слободно да оформи сопствено мислење за актуелните општествено – политички теми – гледачите видоа непримерен начин на комуникација.

Со оглед дека почитувањето на новинарските стандарди е предмет на саморегулација, Агенцијата ги повика Советот за етика во медиумите на Македонија и новинарските здруженија да ги преземат мерките што им стојат на располагање.

Спротивставена беше реакцијата на провладиното новинарско здружение - Македонската асоцијација на новинари - МАН, според која во Европа нема политичар кој гостува во медиуми, а притоа, истите ги навредува и им се заканува. „Зоран Заев на гостувањето во Сител изјави дека медиуми му се најголеми непријатели, се закани со Специјалното јавно обвинителство, прераскажуваше прислушувани разговори, иако со закон се обврза дека не смее да го прави тоа.“

Една од навредите на Павловиќ, упатени кон лидерот на опозицијата, предизвика реакции на претставниците не етничките Турци во Македонија и на амбасадата на Република Турција. Имено, Павловиќ на Заев му рече “лажеш како Турчин!”, што веднаш по емисијата предизвика лавина коментари на социјалните мрежи.

Денес стотина граѓани од турската етничка заедница, во знак на револт маршираа од Владата (која, како еден од финансиерите на ТВ Сител, ја обвинуваат за уредувачката политика на куќата) до ТВ Сител, најавија дека ќе поднесат тужба против новинарот и побараа одговорност и оградување на раководството на медиумот од неговите ставови.

И пратеникот од Партијата за движење на Турците во Македонија (ПДТ) Енес Ибрахим, соопшти дека ќе поднесе тужба: „Никакви изнудени извинувања не можат да ја покријат дамката која ја извалка честа на сите Турци, посебно на нас кои живееме во Република Македонија. Затоа, од овде, јавно соопштувам дека денес поднесувам тужба против Латас и ТВ Сител, за говорот на омраза и навреда на турскиот народ. Воедно, ја повикувам Комисијата за спречување и за заштита од дискриминација, да излезе со осуда и реакција на оваа фашистичка изјава на гласноговорникот на оваа власт“.

Реагираше и амбасадорот на Република Турција во Република Македонија, Омур Шолендил, кој соопшти дека „овој израз полн со омраза и злоба, во иста мера го возвраќаме кон именованото лице кое во основа и порано покажало смелост во своите разни емисии и изјави да користи навредливи изрази кон високите раководители на Република Турција и Турците“. Амбасадата на Турција, најави дека во врска со овој неприфатлив став, во тек се и интервенции пред органите на Македонија,

Во таква вжештена атмосфера, денес работните групи на четирите најголеми политички партии, повторно ги почнаа преговорите за реформите во медиумската сфера.

XS
SM
MD
LG