Линкови за пристапност

Уапсена нова група илегалци во кумановско


Нов „плен“ на кумановската полиција во пограничниот реон. Кај селото Ваксинце, во автомобил „ланчиа“ на 35-годишен жител на Куманово биле пронајдени и уапсени четворица Сомалијци и еден Пакистанец, кои немале патни исправи, ниту било какви лични документи. По приведувањето во полициска станица во која само кажале од кои земји потекнуваат, тие ќе бидат сместени во прифатниот центар за емигранти во Скопје, а на нивниот превозник му е одреден 30-дневен притвор за криумчарење на илегалци.

Пред само еден месец, во истиот крај, во кумановското Лојане беа уапсени дури 59 илегалци од Авганистан, Кина и Пакистан. Во таа акција е приведен македонскиот државјанин А.И. (32), баран од полицијата за издржување на казна затвор од шест години за истото кривично дело - криумчарење мигранти, кој и претходно бил пријавуван за грабнување, фалсификување пари, измамување на купувачи и тешка кражба, како и А.Р. (61), македонски државјанин баран за издржување казна затвор од две години. По претресот на домот на А.И., бил извршен претрес и во куќата на неговиот роднина Б.И. (38), каде се пронајдени 59 мигранти, меѓу кои и четири деца и една бремена жена. Б.И. ги чувал мигрантите во својот дом, и им наплатувал по пет евра дневно, со што, за време на нивното чекање за нелегален премин на границата на патот кон државите на Западна Европа, остварил приход од околу 9.000 евра за еден месец.

На почетокот на април, полицијата во Скопје, во централното градско подрачје, пронашла 13 илегалци од Северна Африка, а во воз од Грција уапсила неколку илегалци од Палестина. Според медумските извештаи, полициска претпоставка била дека крајна дестинација и на овие две групи било кумановското Лојане. Селото од поодамна е експонирано во медиумите, како своевиден привремен камп за имигрантите од сттранство, пред тие, со помош на нивните македонски водичи, тајно да ја преминат македонско-српската граница, на пат кон Западна Европа.

Медиумите тогаш објавуваа дека жителите на кумановските села реагираат зошто органите на редот навреме не ги спречуваат илегалците кои влегуваат во Македонија од Грција, најверојатно кај Меџитлија. Жителите на кумановските села потенцирале дека е тешко да се замисли дека мигрантите без документи би можеле да ја поминат целата територија на државата, ако немаат заштита и логистика и од дел од полициските структури кои од користољубие им го олеснуваат трансферот преку јужната и северната граница на Македонија.
XS
SM
MD
LG