Специјалната обвинителка Катица Јанева реагираше на бројните реакции од претставниците на владеачката ВМРО-ДПМНЕ по нејзината изјава од вторникот дека претседателот на државата, како и пратениците и уставните судии се избрани на нелегитимни избори.
„Сакам да појаснам дека мојата изјава беше во насока на укажување на важноста на нашите истраги и улогата на фер и демократските избори во градењето на институциите и нивниот легитимитет и истата не беше во насока на деградирање на државните институции“, се вели во соопштението на специјалната обвинителка.
Јанева потенцира дека целта на истрагите на СЈО е санкционирање на лицата за кои ќе биде докажано дека учествувале во изборни измами, за обезбедување услови за идни избори лишени од изборни нерегуларности, чиј резултат би бил вистинска илустрација на волјата на граѓаните.
„Со самите истраги за овие лица, кои се или биле на високи функции во РМ и со доказите со кои располагаме, кои во 80 проценти го докажуваат обвинението со кое имаме намера да настапиме, сметаме дека самиот избор и на претседателот и на уставни судии и на пратеници е доведен во прашање. Сите овие се нелегитимни институции и треба да го почитуваат СЈО за да ја утврдиме вистината“, рече Јанева.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и пратениците од владеачката коалиција остро ја осудија изјавата на Јанева и побараа извинување за според нив „навредата на Република Македонија, народот и институциите“.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, потенцираше дека изјавата на Јанева била политичка и дека дека таа се однесувала како портпарол на некоја од опозициските партии, чија изјава го урива суверенитетот на земјата.
„Изјавата на Јанева е многу опасна и сериозно штетна за државноста. Според таа изјава, значи, Македонија нема институции, претседател, Собрание, Влада, Уставен суд... Значи дека оваа држава не постои. Оваа изјава е обид за демонтажа на Република Македонија“, рече Димовски, според кого Јанева се делегитимирала и самата себеси, зашто според неа и законот со кој таа е избрана е нелегитимен, а таа смета дека Македонија треба да стане протекторат на некој однадвор и некој друг да одлучува за неа.
Во своето денешно соопштение, Јанева кажа дека нема да присуствува на седниците на Советот на јавни обвинители и на комисиската седницата во Собранието: „Јас имам единствено законска обврска да поднесам извештај за шестмесечното работење на ова Јавно обвинителство, кој извештај е поднесен“, стои во соопштението.
Но, не отстапува и втората страна. Денес повторно беше одложена.седницата на Советот на јавни обвинители на која требаше да се разгледува првиот шестмесечен извештај на Јанева, а претседателот на Советот, Петар Аневски изјави дека присуството на Јанева е потребно за разјаснување на нејаснотии во нејзиниот извештај. Според Аневски, иако не го разгледале целосно извештајот, членовите на Советот на обвинители имале прашања за кои Јанева би требало лично да дојде на седница и да ги образложи.
Истовремено, по вторпат беше презакажана и седницата на собраниската Комисија за политички систем, на чиј дневен ред, исто така, е извештајот на СЈО, исто така заради неприсуство на Јанева.